Здравко Чолиќ се прости од Корнелије Бата -Ковач: „Изгледаше како секогаш ќе бидеш тука“


Веста за смртта на легендарниот композитор, музичар и уметник Корнелије Бата Ковач кој почина денеска на 81-годишна возраст, во Белград, од последиците од коронавирусот го обиколи регионот. Еден од првите легендарни поп-ѕвезди кои се простија од него, беше и неговиот долгогодишен соработник и голем пријател, Здравко Чолиќ.

„Се чинеше дека ќе бидеш тука засекогаш. Ти благодариме за музиката… за делата што ги создаде… за зборовите на грижа и љубов што ги имаше за сите нас.  Ни ги одбележа животите. Ти благодарам Бато за се!“ – стои во објавата на Здравко Чолиќ на Инстаграм.

 

Бата Ковач ги напиша многубројните  хитови на Чолиќ, како: „Април у Београду“, „Живиш у облацима мала“, „Звао сам је Емили“, „Једна зима са Кристином, „Једина“, „Маџарица“, „Пјевам дању-пјевам ноќу“, „Станица Подлугови“, „Ти можеш све“, „Ти си била, увјек нај“, „Ти си ми у крви“… и многу други.

Корнелије имаше и плодна музичка соработка и со други пејачи, меѓу кои и со: Бисера и Сенка Велетанлиќ, Оливера Катарина, групите “Индекси“ и “Генерација 5“, Мики Јевремовиќ, Тереза Кесовија, Боба Стефановиќ, Бети Ѓорѓевиќ, Драган Стојниќ, Јадранка Стојаковиќ, Златко Пејаковиќ,  Лео Мартин, Неда Украден, Маја Оџаклиевска, Лепа Брена…Со Лепа Брена се натпреваруваше и на југословенскиот избор за “Песна на Евровизија“ кога остави најсилен впечаток со хитот “Ситније Циле, ситније“. За секогаш ќе ја памтиме и неговата музика од забавното тв-шоу “Образ уз образ“ со феноменалните Милена Дравиќ и Драган Николиќ.

Ковач работеше и на бројни музички проекти во Англија и Шпанија, а пишуваше музика и за театар, филм и телевизија. Ќе биде погребан во Алејата на почесни граѓани на Србија во Белград. Сочувство до семејството и почитувачите на неговата музика испрати и српскиот претседател Вучиќ.