„Зборовите имаат тежина” меѓу најдобрите 25 проекти на BalCannes во регионот за 2019 година


Хрватска – Комуникацискиот проeкт „Зборовите имаат тежина” креирана од Идеа Плус Скопје е прогласена за една од 25-те комуникациски проекти за 2019 година на годинешниот BalCannes, во рамките на дванаесетото издание на Weekend Media Festival, што се одржа во Ровињ од 19-21 септември годинава.

Пристигнатите проекти ги оценуваше и селектираше стручно жири составено од претставници на адвертајзинг агенциите, претставници на медиумите и претставници на оделите за комуникации и маркетинг од компаниите од регионот. Од вкупно пристигнати 115 проекти стручното жири ги одбра овие проекти како најдобри во регионот за оваа година.

Комуникацискиот проект „Зборовите имаат тежина“ е посветен на одговорно родителство и е дел од кампањата „И родителството се учи“ што УНИЦЕФ ја спроведува во земјава, заедно со Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство.

Акцентот на кампањата „Зборовите имаат тежина” е ставен на вербалното и психичкото насилство врз децата и влијанието врз нивниот ментален развој. Целта е да се подигне свеста на родителите и пошироката заедница за негативните ефекти врз здравјето и развојот на децата од вербалното насилство, злоупотребата и запоставувањето.

Во рамките на кампањата се одржуваат и „Разговори за родителство“ во повеќе градови низ земјата што ги водат експерти од областа, а сите заинтересирани можат да најдат материјали и совети и на интернет страницата www.roditelstvo.mk.