Заврши Моден викенд-Скопје: Лежерно за крај


Лежерен беше крајот на Модниот викенд во Скопје, синоќа, по три дена ревии, дружење, озборување и дотерување во нов и уникатен простор – Европскиот универзитет (ЕУРМ). Авангардни и романтични креации, долги тоалети, високи потпетици и облак од парфеми освен на пистата имаше и во публиката, а убавата глетка траеше доцна вечерта кога по завршувањето на ревијата, манекенките се измешаа со гостинките.

Во Скопје деновиве ќе продолжат муабетите кој имаше најубава колекција на модниот настан, кој имаше најмногу гости, најмногу славни фаци во првите редови, кој дизајнер му дојде на ревија на друг дизајнер, која беше најубава манекенка… До следната сезона, во организација на Света Богова-Јовановска.

Синоќа, ревии имаа студенти, етаблирани дизајнери и гости од регионот: студентите од  Технолошко-металуршкиот факултет, Марко Фехер, Милан Зејак и Сара Реџиќ.

Паралелно со споменатите ревиски случувања, своевиден празник за сетилата претставуваше и модната изложба придружена со филм од концептуалната платформа за европски дизајн „Иван Асен 22“, која по успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, конечно стигна и во нашата земја.

Новина на 19. Моден викенд беше и шоурумот со ексклузивни парчиња од 28 претставници на 17 различни земји, кои беа презентирани пред публиката и со моден перформанс.

Викендов, со ревии се претставија и студентите на факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот универзитет, Јилка Брада од Косово, Маја Кикириткова,  Евгенија Зафировска, Софија Урумовиќ, Марија Кулушиќ и брендот „Arthropoda“. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски