Затворски полицајци барале скап часовник на затвореник кој кучката Цеца му го изгубила (видео)


Чудно видео лиферуваше Управата за извршување санкции на кое се гледа како затворски полицајци пропуштаат возило во затворот во Штип, без притоа да го регистрираат дека такво возило влегло во затворот, а потоа повеќе полицајци бараат нешто во тревата во затворскиот двор.

Имено, затвореникот Ж.Ж. си играл со кучката Цеца, а имал скап часовник, кој го нема пријавено дека го има, но пријавил дека часовникот му го зела кучката Цеца, дека трчала низ тревникот, па тие, да му излезат во пресрет, го барале часовникот.

„На 20.02, пред затворот во Штип доаѓа возило, од кое излегува лице и доаѓа до ѕидот на затворот и префрла топка. Веднаш потоа, таму се појавува затвореник со иницијали Ж.Ж. и уште еден затвореник Р.К. Едниот затвореник збори на телефон, додека до нив се појавува затворски полицаец и им вели да се оддалечат и дека не смеат да бидат на местото во тоа време. Командирот повикува уште четворица затворски полицајци кои се поздравуваат со Ж.Ж., кој и натаму зборува на телефон. По ова, затворските полицајци проодлжуваат да ја бараат топката со затворениците“, рече Пандов.

Потоа, посочи Пандов, доаѓа затворски полицаец кој им вели дека треба да се вртат и да се оддалечат.

– По наредба на командирот, кој што во тој момент е на смена Т.И. се повикани уште четворица затворски полицајци. Затвореникот и понатаму говори на телефони и бара нешто низ тревникот. Се поздравува со сите тие затворски полицајци, а да не говорам дека тој не смее да има телефон во рака. И, тоа што е најфрапантно, истите тие затворски полицајци со батериски лампи се вклучуваат во барање на нештото. Не наоѓаат што не наоѓаат, нагласува Пандов.

Сепак, другиот ден, други затворски полицајци ја пребарале тревата и нашле топка во која имало ќеса со 35 грама кокаин и 50-тина грама марихуана.

Дрогата, рече Пандов, веднаш е пријавена во СВР Штип, а по наредба на директорот се формира дисциплинска комисија, составена од пет члена, кои ја имаат видео снимката, која одлучува на 28 март годинава дека затворските полицајци не се виновни.

Формирана е дисциплинска комисија од пет лица, двајца – еден затворски полицаец и една госпоѓа која е во ресоцијализација – гласаат дека оние кои вечерта барале скап часовник се виновни, но полицајците Б.Д., К.П и З.А, не пронаоѓаат вина и веруваат дека затворската полиција го бара часовникот кој го изгубил затвореникот Ж.Ж., а кучката Цеца му го има однесено некаде низ тревникот.

Овие полицајци со средно образование земаат плата од 57.000 до 67.000 денари, а тоа нѐ чини нас како даночни обврзници, потенцира Александар Пандов, директорот на Управата за извршување санкции на денешната прес конференција на која присуствуваа и директорот на КПД Штип Дејан Здравев и неговиот заменик Ѓорѓи Хубев.

Пандов уверува дека сите овие полицајци од затворската полиција ќе бидат санкционирани, а ќе се борат против корупцијата. Најави дека министерството за финансии им одобрило вработување на 171 нов затворски полицаец, што според него ќе биде освежување за македонските затвори.