Започнува тестирањето на вештачките црвени крвни зрнца


Клиничкото тестирање на вештачките црвени крвни зрнца, кои можат да се складираат за итна трансфузија, ќе започне во Јапонија до март следната година, соопшти Медицинскиот универзитет Нара.

Универзитетот планира овие вештачки крвни зрнца да ги стави во практична употреба до 2030 година, што веројатно ќе биде прв таков случај во светот, објави агенцијата Kyodo.

Развојот на вештачките крвни зрнца, кои можат да се користат во оддалечените области и во случаи на несреќи, е дизајниран бидејќи се очекува недостиг од залихи на крв во медицинските установи поради се помалиот број на крводарители меѓу намалената популација на Јапонија, соопшти агенцијата. .

Додека црвените крвни зрнца од донирана крв може да се чуваат на ниски температури помалку од еден месец, вештачките клетки може да се чуваат две години на собна температура, велат истражувачите.

Овие клетки не се поврзани со крвната група, па може да се користат без претходно да се одреди крвната група на пациентот и може да се дадат со трансфузија при транспорт со брза помош.