Започна асфалтирањето на пристапниот пат кон гробиштата Камник
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека започнало асфалтирањето на пристапниот пат кон гробиштата Камник, проект за кој вели дека предолго се чекало, но конечно станува реалност.
„Ова не е обична градежна активност — ова е исполнување на децениско барање на граѓаните! Во првата фаза инвестираме 8.164.884 денари, средства обезбедени преку Владата. Продолжуваме со дополнителни 7.000.000 денари од општинскиот буџет за целосна доизградба. Камник конечно добива современо и функционално сообраќајно решение“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.
Посочи дека се воведува кружен тек со влез од „Јужноморавски бригади“ и излез кон Сингелиќ кај Клакер, што значи оовеќе проточност, помал метеж и поголема безбедност.
Исто така додаде дека паралелно работат на нова урбанистичка документација во соработка со АД Бутел за проширување на гробиштата и изградба на капела.
„Ова не е само инфраструктура — ова е ред, достоинство и почит. Ставаме крај на хаосот и гужвите, особено за време на празници. Создаваме мирен и достоен простор за сеќавање на најблиските“, порача градоначалникот.