Запален Куран одново ги запали страстите во Шведска


СТОКХОЛМ – Судири избувнаа во имигрантска населба во третиот по големина град во Шведска, откако антимуслимански демонстрант го запали Куранот, соопшти денеска полицијата.

Полицијата во Малме соопшти дека биле гаѓани со камења и биле запалени десетици автомобили, вклучително и во подземна гаража, опишувајќи ги настаните што започнаа во неделата и траеја во текот на ноќта како „насилни немири“.

Судирите започнаа откако антиисламскиот активист Салван Момика во неделата запали копија од Куранот и разгневената толпа се обиде да го спречи додека полицијата, некои од нив со шлем, приведоа неколку лица. Најмалку три лица се приведени, соопшти полицијата.

Рано во понеделникот, гневната толпа главно млади луѓе запали гуми и остатоци, а некои беа видени како фрлаат електрични скутери, велосипеди и бариери во населбата Розенгард во Малме, каде што имаше слични судири во минатото. Имаше неколку транспаренти поврзани со палењето на Куранот.

„Разбирам дека јавен собир како овој буди силни емоции, но не можеме да толерираме нарушувања и насилни изрази како оние што ги видовме во неделата попладне“, рече високиот полициски службеник Петра Стенкула. „Многу е жално што уште еднаш се гледа насилство и вандализам во Розенгард“, рече таа.

Во изминатите месеци, Момика, бегалец од Ирак, го сквернави Куранот во серијата антиисламски протести, главно во Стокхолм, кои предизвикаа гнев во многу муслимански земји. Шведската полиција ги дозволи неговите постапки, наведувајќи ја како причина слободата на говорот.

Палењето на Куранот предизвика лути протести во муслиманските земји, напади врз шведските дипломатски претставништва и закани од исламските екстремисти. Муслиманските лидери во Шведска ја повикаа владата да најде начини да го запре палењето на Куранот.

Шведска ги отфрли своите последни закони за богохулење во 1970-тите и владата рече дека нема намера повторно да ги воведе.

Сепак, владата најави истрага за правните можности за овозможување на полицијата да одбие дозволи за демонстрации поради загриженост за националната безбедност.