Западот е блиску до границата кога не ќе може да избегне директен конфликт со Русија
(CNN)-Милиони животи би можеле да бидат уништени додека се запре опсесијата на Владимир Путин од Студената војна.По помалку од три недели од руската инвазија на Украина – историски бес создаван 30 години – светот со ужас гледа на варварството, човечката трагедија и ужасното уништување предизвикани од наредбите на еден човек.
Судбината на Украина покажува дека дури и во 21 век, и покрај ветувањата на светот дека ќе учи од историјата, осамен автократ, кој обликувал безмилосен политички систем за да го елиминира несогласувањето и самата реалност, има моќ да предизвика непрегледна човечка загуба и беда.
Очигледната подготвеност на Путин да ја бомбардира до уништување Украина и да ги напаѓа невините цивили без причина и без предупредување, иако инсистираше дека се руски браќа, значи дека хуманитарната катастрофа веројатно само што почнува. Според Обединетите нации, повеќе од милион бегалци веќе ги напуштиле своите домови, а веројатно ќе следат уште милиони – бидејќи семејните животи, работните места и заедниците се уништени. Илјадници цивили пак сигурно ќе загинат во продолжениот руски Блицкриг.
Иако има шпекулации за намерите и за состојбата на умот на Путин, како и огромен јавен интерес за храброста на Украинците кои најавуваат дека ќе се спротивстават на инвазијата, од клучно значење е светот правилно да ја разбере реалноста за очигледните воени злосторства што сега се случуваат во Украина. Во предградие на Киев во неделата, две мали деца и двајца возрасни беа убиени од руско гранатирање додека се обидуваа да побегнат.
„Едно семејство загина… пред мои очи“, рече Олександр Маркушин, градоначалник на Ирпин.
Во меѓувреме, мртвите лежеа незакопани во тлеечките остатоци на Харков — град со 1,5 милиони жители, кој беше под продолжено бомбардирање што служеше како предупредување за веројатната судбина на Киев. Други Украинци беа заробени во шокантното руско гранатирање на хуманитарни коридори. Фотографиите и видеата на Украинците како ги ставаат своите семејства во возови за евакуација и се упатуваат да се борат, ја оживуваат траумата од историјата на континентот натопена со крв. Ако ужасното видео од Украина беше црно-бело, лесно ќе беше да се помеша со историска вест за Втората светска војна, кога последен пат такви сцени на пустош и суровост беа нанесени од една суверена нација на друга во Европа.
И сето тоа тече од умот на рускиот претседател, очигледно мотивиран од неговите сопствени историски лузни како офицер на КГБ во Источна Германија, кога падна Берлинскиот ѕид. Путин, сакајќи да ја прецрта картата на Европа по Студената војна, сега создаде контрапункт на тие радосни сцени три децении подоцна со неговите немилосрдни бомбардирања дизајнирани да ја оживеат Русија како суперсила.
Иднината на Украина изгледа сè помрачна
Настаните во текот на последниот крвав викенд покажуваат дека, и покрај импресивното засилување на санкциите од страна на Западот што ја задушуваат руската економија, храброста на украинските цивили да се спротивстават и молбите на нивниот претседател, иднината на Украина е мрачна, а Путин покрена и прашања дали таа треба да потстои како национална држава.
Масовните западни санкции на крајот би можеле да поттикнат доволно опозиција во Русија, каде што граѓаните се борат под колапс на економијата, за да го соборат Путин. Испораките на оружје за Украина од Запад сигурно ќе ги зголемат трошоците за московските сили за инвазијата и за можната окупација. Но, реалноста дека Западот нема директно да интервенира за да избегне ескалација со Русија што може да доведе до нуклеарна војна, му дава предност на Путин и ја продлабочува трагедијата на Украина. Порано или подоцна, надворешниот свет може да се најде себеси како гледа во масакр што бил немоќен да го спречи. Оваа ужасна можност беше спомената во последниот потресен апел за помош на украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата.
„Ние сме луѓе и ваша хуманитарна должност е да не заштитите, да ги заштитите цивилите, а вие можете да го направите тоа“, му порача Зеленски на светот. „Ако не го направите тоа, ако барем не ни дадете авиони за да се одбраниме, останува единствениот заклучок — вие исто така сакате многу полека да бидеме убиени“, рече Зеленски.
Путин сè уште ги диктира настаните
Додека САД разговараат со Полска за испраќање на воени авиони од руско производство во Украина и се дебатира за целосно ембарго на извозот на руска нафта, Западот е блиску до поминување на границата на тоа што може да се направи – без да се предизвика директен конфликт со Путин. Така, пораките во САД почнуваат да ја нагласуваат големината на она што е веќе направено за да се помогне. Тоа ги вклучува западните санкции кои ја вратија руската економија назад во мрачното доба од советската ера и арсеналот на противтенковски и противвоздушни ракети што беа дадени на Украина во новата прокси војна на Западот со Русија.
Државниот секретар Антони Блинкен во емисијата „Состојба на Унијата“ на CNN предупреди дека дивјаштвото на рускиот лидер сè уште ги диктира настаните.
„Владимир Путин има капацитет — со луѓето што ги има во Украина и надмоќта што ја има — да продолжи да ги смирува работите против неверојатно издржливите и храбри Украинци“, рече тој.
Зборувајќи од Молдавија, земја сојузник на САД која не е членка на НАТО, а која се плаши дека можеби е следната во стрелачката линија на Путин, Блинкен изгледаше дека гледа напред кон иднината, по инвазијата во која украинскиот отпор поддржан од Запад може да ги натера трупите на Путин да платат висока цена.
„Мислам дека треба да бидеме подготвени дека ова ќе трае некое време. Но, само да се победи во битка не е победа во војната. Да се земе град не значи дека тој ги зема срцата и умовите на украинскиот народ“, рече Блинкен. „Напротив, тој е предодреден да загуби. Украинскиот народ покажа дека нема да дозволи да биде потчинет на Владимир Путин или на руската власт“, рече Блинкен.
Начинот на кој Путин самиот ја турна својата земја во војна, како се пресмета со внатрешното несогласување и како ги караше очигледно збунетите соработници за национална безбедност на телевизија, нагласи колку од војната во Украина е негова лична крстоносна војна.Неговите неосновани и неисториски говори за војната — вклучително и неговите лажни тврдења дека се обидува да ја „денацифицира“ Украина — предизвикаа загриженост за тоа дали лидерот кој некогаш се сметаше за безмилосен и ладен посредник на руските национални интереси забегал во паралелна ментална реалност. Тоа, заедно со неговите нуклеарни закани, предизвика загриженост до каде би можел да оди очајниот руски лидер, кој ефективно го условува својот политички опстанок со војна која се претвора во мочуриште.
„Тој сега е вклучен во конфликт во кој или ќе извојува скапа воена победа проследена со скапа окупација што не може да си ја дозволи, или ќе биде заробен долгорочно во воено мочуриште, додека во исто време се соочува со втор фронт, а тоа е економија во слободен пад во неговата сопствена земја“, рече републиканскиот сенатор Марко Рубио од Флорида.
„Комбинацијата на овие две работи нè става на многу опасно место. А, тоа е, дека тој ќе мора да направи нешто, некаква ескалација, некое засилување на оваа криза, за да ја врати стратешката рамнотежа, според неговото гледање, со Западот. И јас сум загрижен што би можело да биде тоа“.
Досега, за две и пол недели од инвазијата, Путин не направи ништо друго освен ескалација, и покрај мирната реакција на Западот на неговите нуклеарни провокации. Останува нејасно како би реагирал на можноста Полска или Романија да и дадат борбени авиони на Украина — чекор што се чини дека ги доближува двете земји од поранешниот Варшавски пакт поблиску до индиректен конфликт со Русија.
Сепак, записот за инвазијата покажува дека без оглед на тоа колку болка би можеле даму нанесат новите чекори на Западот, тие веројатно нема да го спречат Путин да ја одигра својата опсесија дека на Украина никогаш не смее да и се дозволи да се приклучи на Западот – дури и ако тоа значи дека ќе ја распарчи неа цела заедно со нејзините граѓани. Како што рече Зеленски во новата видео порака во неделата вечерта: „Дрскоста на агресорот е јасен сигнал до Западот дека санкциите воведени против Русија не се доволни“.