Западен Балкан јавува: Слободен роaминг


Испорачување на ветувањата: Беа потребни само нешто повеќе од две години од потпишувањето на Регионалниот  договор за роаминг до укинувањето на роамингот во целиот регион

 Утре е историски ден за регионот.  Ги елиминираме бариерите, границите и тарифите за мобилните телефони.  Балканот утре ќе биде со слободен роаминг. Тоа е само првиот чекор.  Она што ние во РЦЦ успеавме да го направиме со роамингот за мобилните телефони, се надеваме дека ќе го направиме и со луѓето и бизнисите на Балканот.  Ние работиме напорно на отворање на границите, на елиминирање на тарифите, на зголемување на трговијата и на тоа, не само роамингот за мобилните телефони да биде без ограничувања, туку и луѓето да можат без ограничувања да патуваат и да работат.  Утре ќе бидеме многу поблиску до нашите заеднички регионални цели.

Тоа е промената која ја прави разликата!

 Ова беше мојата воведна реченица на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Белград на 4-ти Април 2019 година! И можам да ја повторам! Успехот е промената која ја чини разликата! Непотребно е да споменувам колку бевме горди ние во РЦЦ затоа што бевме неизбежна „состојка“ на оваа успешна приказна. Сите знаете какво е тоа чувство.

Ја почитуваме посветеноста покажана од сите кои помогнаа да се случи ова. Од шестте лидери на Западен Балкан (ЗБ), Европската комисија, националните регулаторни тела и мобилните оператори. Тука нема место за скромност. Ние изодевме долг пат во многу краток период од нешто повеќе од две години. Сепак, денес на помалку од 24 часа од укинувањето на роамингот на Западен Балкан, сакам да кажам непоетично, ова беше тежок предизвик.

Денес, можам дури и да кажам колку бев нервозна и воземирена, од предвидливата непредвидливост кога се надминуваа последните пречки. Но, животот е таков, полн со предизвици. Како и сите други така и јас, секогаш сакам да ја најдам најмазната патека, без пречки и блокади. Како и да е, како и кај повеќето поединци, она што ни останува за да ги избегнеме неуспесите, е борбата за изнаоѓање решение.

Ноќта пред самитот, на 3-ти април, имавме долга и комплицирана сесија со националните регулаторни тела од сите шест економии од ЗБ околу разјаснување на деловите од Регионалниот договор за роаминг, за кои мобилните оператори изразија загриженост, а кој требаше да биде потпишан за нешто помалку од 12 часа. За регулаторите и операторите, ослободувањето од роамингот во шесте економии од Западен Балкан беше речиси невозожно да се случи за три години!

Утрото на денот на самитот, во 8 часот свикавме состанок со министрите за ИКТ и за дигитализација во присуство на Европската комисија, за да ја протуркаме пораката дека „Роаминг како дома“ ќе се случи, без оглед на проблемите со кои се соочуваме.

Со чувство на претпазлив оптимизам потоа влеговме во салата каде се одржуваше самитот во Белград, каде нè чекаше уште еден проблем. Се уште не бевме сигурни дали ќе добиеме потпис од министрите што ги претставуваа нивните економии (влади-н.з.) во Белград.

Можете да ги замислите чувствата што се заокружија. Направивме многу подготовки за тој момент, долги часови на преговори меѓу економиите што траеа цела година, испитувајќи го секој чекор, прилагодувајќи го јазикот за да се испочитуваат политичките разлики кои во различни форми се присутни во регионот, само за да најдеме најдобро решение кое ќе биде во полза на сите граѓани подеднакво. Но, „што ако“…, беше моќното прашање со кое беа обременети нашите мисли.

Момент на задоволство! Регионален договор за роаминг

 Како што рекол Ајнштајн: среде тешкотијата лежи можноста! Регионалниот договор за роаминг (РДР) беше потпишан и ние сите го доживеавме клучниот момент за регионот!

Тоа беше точката од која појдовме! Приказната „Роаминг како дома“ за Западен Балкан е навистина приказна што го менува универзумот на политичките разговори, согледан во реалноста на грижите на нашите граѓани.

РДР беше постепен процес, но неговите придобивки беа финански поволни за граѓаните и за време на транзицискиот период, бидејќи донесе намалување на трошоците за роаминг до 96 отсто и целосно укинување од 1-ви јули 2021 за сите граѓани, без оглед каде патуваат низ регионот.

Значењето за Западен Балкан од укинувањето на роамингот

Често бевме прашувани што навистина значи укинувањето на роамингот за Западен Балкан.

Би рекла, тоа е повеќе од вредноста на заштедените пари што ги носи РДР. Повеќе станува збор за поврзувањето! Со создавањето на подлабоки врски луѓето се чувствуваат подобро. Зборувањето со саканите преку телефон или преку видео можеби не предизвикува исто ниво на среќа како гушкањето, но е човечко и нема да чини богатство, туку како да се јавуваш од соседната соба. Социјалните врски се примарна потреба на секое човечко суштество.

Но, повторно, парите не се неважни. Со укинувањето на роамингот во Западен Балкан и граѓаните и стопанството ќе добијат повеќе за нивните пари.

Ќе се обидам да илустрирам преку сопствениот пример. Како што знаете, јас сум од Тирана и работам во управата на РСС во Сараево, патувам со автомобил натаму-наваму, вклучувајќи чести патувања до другите главни градови на Балканот. Верувајте ми, при минувањето на секој граничен премин од една земја во друга морам да проверувам дали ми се исклучени мобилните податоци на телефонот. Токму така, да се биде шеф не значи и да се има луксуз на ниски телефонски сметки и покрај вообичаеното верување.

Но, сега, ваквите грижи не постојат, бидејќи штом ќе ја минам границата и ќе се промени операторот, јас сум повторно во мрежата со вклучени мобилни податоци без да платам ни денар повеќе отколку што нормално би платила за повици, пораки или одговарајќи на многуте меилови.

Важно е да се напомене за да се избегнат некои недоразбирања: ние се уште ќе си ги плаќаме услугите на нашите оператори, но овој договор овозможува да се чувствуваме како дома, каде и да се движиме на Балканот. Ова не значи дека можете да гледате филм на Нетфликс со вашиот интернет пакет!

Вин-Вин

Побарувачката на роаминг услугите не покажува знаци на забавување. Безграничното поврзување е охрабрување за сите. Од граѓаните, до операторите, бизнис заедницата, се до задоволните туристи. „Роаминг како дома“ е слобода за да уживате во вашите патувања без ограничувања, тоа е алатка за да се осигурате дека дома е се во ред и да комуницирате со вашите најблиски.

Продолжуваме

 Имајќи го овој договор сега сме чекор поблиску до намалување на трошоците за роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ, бидејќи спроведувањето на оваа регионална спогодба беше предуслов за овозможување на намалување на трошоците за роаминг со земјите членки на ЕУ, преку цврста и временски одреден патоказ. РСС веќе ја подготвува основата за ова и е целосно подготвен да започне со решавање на ова прашање со ЕУ.

Дали завршивме?

 Да! Западен Балкан без роаминг е реалност!

Знам дека Западен Балкан често се гледа како регион кој се уште не е во чекор со технологијата на повеќето развиени земји, но успешната вежба со роамингот ни покажа колку брзо можеме да се прилагодиме.

Сепак, остануваме фокусирани на подобрување на дигиталната инфраструктура и поврзувањето, креирање на регионален простор од доверба, конкурентна околина за иновативни бизниси и работа на унапредување на дигиталните вештини.

Луѓето се поврзуваат на подлабоко ниво од машините и тие се крвотокот на нашата работа.

Може да звучи како повторување, но ние сме заедно во ова и единствен начин да постигнеме резултати е да делуваме заедно.

Го можеме ли тоа? Да, се разбира го можеме! Ние имаме заеднички Зелени коридори воспоставени минатата година во раната фаза на затворањата поради пандемијата со Ковид 19, што овозможи непречено снабдување со основните потреби – храна и лекови за граѓаните, а сега го имаме и Регионалниот договор за роаминг.

Со двете покажавме дека успеавме!

Здружувањето е почеток

Останувањето здружени е прогрес

А работењето заедно е успех

 Хенри Форд

Колумна на Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ)