Zanov Decade – дизајнерот Мите Занов доби поддршка од Министерството за култура за новата колекција и ретроспективна поставка


Некои нови позитивни ветришта дуваат од Министерството за култура за поддршка на македонската мода. Откако тоа за прв пат годинава го поддржа Моден викенд Скопје на Света Богова Јовановска , како најзначајна модна платформа во земјата, која повеќе од една деценија го поврзува светот на дизајнот, индустријата и културата, за оваа недела е најавен нов моден спектакл, кој исто така, ќе добие поддршка од министерството. Станува збор за ексклузивниот настан Zanov Decade, во организација  на iOLite HUB.

Zanov Decade е модна приказна што ја слави женственоста и автентичноста преку 30 нови креации под најновата колекција “Echoes” и музејска поставка со избор од 18 досегашни колекции – ретроспектива на една деценија визија, уметност и стил.

Македонскиот дизајнер Мите Занов (35)  е роден во Струмица, а детството го поминал во Валандово. Уште како дете знаел дека модата ќе му биде повеќе од хоби, па на 14 години научил да шие на машина за шиење, а потоа се запишал на Факултетот за дизајн и мултимедија и дипломирал на отсекот Моден дизајн. По студиите живее и твори во Скопје.

Оттогаш е постојано присутен во модниот свет – со ревии , но и преку соработките со дамите од македонскиот  јавен живот, за кои често креира, но и за ѕвезди во регионот. Препознатлив е по уникатните и драматични дизајни. (Л.С.)