Занаетчиите ја чекаат ветената помош


Занаетчиите бараат што поскоро да се изгласаат законите и да се исплати ветената финансиска помош, бидејќи голем дел од нив се на работ на егзистенцијата.

Претседателот на Занаетчиската комора на Северна Македонија (ЗКРСМ) и на Регионалната комора Куманово, Агрон Фазлији очекува брза исплата на платите и отворање на можност за аплицирање на бескаматни кредити, мерки ветени со петтиот сет економски мерки. Тој апелираше што побрзо да се изгласаат законите кои се во постапка и се во интерес на многу дејности, наменети за спас на економијата.

– Апелираме занаетчиите што побрзо да ја добијат помошта од државата, затоа што се во незавидна положба и едвај врзуваат крај со крај. Само во еден ден во Куманово пет занаетчии ги затворија дуќаните. Постојано ни се јавуваат занаетчии од целата држава и бараат помошта што побрзо да стигне до нив. Бараме под итно да се донесат законите, да ни се помогне. Од почетокот на кризата, па се до денес, сè уште сме во незавидна положба и сме една од најпогодените гранки. Нас нѐ не интересираат партиските препукувања, потребна ни е помош. Пред кризата никогаш не баравме поддршка од државата,изјави Фазлији.

Тој смета дека со петтиот сет економски мерки ќе се пребродат тешките месеци, а се надева дека од средината на пролетта ќе се рестартира економијата и дека ќе успеат самите постепено да се изборат со последиците од едногодишната пандемија, но доколку продолжи кризата, најави Фазлији, ќе бараат уште еднаш поддршка од државата.