Замрзнатите средства за Гостивар-Букојчани биле за изградба на тунел, ДУИ длабоко разочарани
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение изрази „длабоко разочарување“ поради одлуката на Владата да ја укине претходната одлука за изградба на патната оска Гостивар-Букојчани, која е дел од Коридорот 8, преку изградба на тунел што го поврзува Гостивар со Кичево наместо изградба на висински автопат.
„Сакаме да нагласиме дека одлуката што ја изгласа претходната Влада предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од 5 километри на автопатот Гостивар-Букојчани, кој е дел од Коридорот 8“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Според ДУИ ваквата одлука е донесена по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобрата варијанта за изградба на оваа патна оска, која е побрза и побезбедна за развој на сообраќајот, а воедно и поекономична за одржување.
„Со оваа одлука се решаваат проблемите при изградбата на овој дел од автопатот бидејќи во спротивно ќе има проблеми кои би го продолжиле времето и трошоците за изградба, проблеми кои се евидентни во реализацијата на проектите започнати во изминатиот период“, велат од ДУИ.
ДУИ потенцираа дека изградбата на Коридорот 8 е од клучно значење за поврзувањето на Северна Македонија со соседните земји и за подобрување на патната инфраструктура што позитивно ќе влијае на трговијата и слободното движење на граѓаните и стоките.
„Сметаме дека оваа одлука е чекор назад во нашите напори за подобрување на инфраструктурата и зајакнување на стратешката позиција на нашата земја во регионот“, велат од ДУИ.