Заменикот на Екатерина Захариева кандидат за министер за надворешни работи на Бугарија


Георг Георгиев беше четири години заменик на Екатерина Захариева

 

Изгледа дека формирањето на новата политичка влада на Бугарија е при крај. Во среда претседателот Румен Радев треба да му го даде првиот мандат за составување влада на Росен Желјасков, близок соработник на Бојко Борисов уште од времето кога тој беше градоначалник на Софија.

Според вестите од бугарските медиуми коалициската влада треба да биде составена од ГЕРБ, БСП, Има таков народ и фракцијата на Ахмед Доган од ДПС. Од преговорите конечно излезе Демократска Бугарија, откако не се согласи Желасков да биде кандидат за премиер.

Она што може да биде најинтересно за македонската јавност во бугарските медиуми се пишува дека е речиси извесно оти доколку се формира оваа влада министер за надворешни работи ќе биде за нас речиси непознатиот Георг Георгиев.

Во бугарската јавност него го знаат. Тој сега е пратеник од редовите на ГЕРБ (а беше и пред десетина години). Младиот Георгиев (33) таму е попознат по тоа што беше заменик-министер за надворешни работи четири години (2017-2021) во времето кога Екатерина Захариева беше шеф на дипломатијата. Токму во тоа време се случија блокадите на Софија на европскиот пат на Македонија и жестоките услови што ги постави тогашната влада на Борисов.

Најискусниот човек во екипата околу Борисов во надворешните работи, поранешниот министер Даниел Митов, се очекува да ја преземе функцијата министер за внатрешни работи.