Законот за употреба на македонскиот јазик донесен со консензус, но никако да се спроведе
Во Собранието денеска се одржува надзорна расправа на тема „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик, која беше повод за спротивставени ставови од власта и опозицијата околу спроведувањето на законските решенија.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека спроведувањето на Законот е обврска на сите институции и дека неговата примена не смее да биде предмет на дневнополитички препукувања. Тој нагласи дека Законот е донесен со широк парламентарен консензус на почетокот на 2024 година, но дека во моментот на неговото преземање на функцијата министер, не бил воспоставен Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, ниту постоеле услови за негово целосно функционирање.
„Недоследната и нефункционална примена на Законот не започнала со оваа Влада, туку е резултат на долгогодишно отсуство на системски пристап и институционална инерција“, рече Љутков, додавајќи дека во меѓувреме е формиран Совет за македонски јазик, започната е подготовка на Национална стратегија и воспоставен е Инспекторат за македонски јазик со вработени инспектори во обука. Тој информираше и дека Владата ги задолжила институциите за доследно ангажирање лектори, а дека во моментов функционираат 12 лекторати во 11 земји.
„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие институционална заштита што функционира, а не декларативна“, порача министерот.
Од друга страна, пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оцени дека Законот веќе две години не се спроведува и дека институциите не презеле суштински чекори за негова примена. Според неа, иницијативата за расправата била поднесена уште на 23 март, но дека поради одложувања се одржува дури денес. Костадиновска-Стојчевска оцени дека клучните одредби од Законот остануваат „само на хартија“, посочувајќи дека има ограничени институционални капацитети и дека Инспекторатот за јазик допрва се зајакнува кадровски и оперативно. Таа додаде дека СДСМ поканила претставници од институциите, академијата и медиумите за да се утврдат причините за застојот и одговорноста за неспроведувањето на Законот.
„Овој е закон којшто после една година јавни расправи се донесе со консензус во собранието во јануари 2024 та година и не заслужува ваков третман. Заслужува да функционира и заслужува како што изјавиле од самото Министерство и култура и туризам, се извинувам, пред една година дека со доследна примена ќе се зголеми интересот за студирање на македонски јазик, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, училишта, издавачки куќи и медиуми и се разбира најважно од сѐ функционирање на инспекторатот за македонски јазик“, рече Костадиновска Стојчевска и оцени дека е недозволиво закон донесен со широк консензус да остане без целосна примена, посочувајќи дека неговото спроведување е клучно за развојот на јазичната политика, ангажирањето лектори и функционирањето на Инспекторатот.
И двете страни се согласуваат дека Законот е донесен со политички консензус, но останува разликата во оценките околу причините за неговата досегашна нефункционална примена и динамиката на неговото спроведување.