Зајкова потврди на нотар дека нема друго државјанство освен македонското


Моника Зајкова

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, објави заверена изјава пред нотар дека нема друго државјанство освен македонското и ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат исто така дека немаат друго државјанство , па и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата.

 

„Во моментов изглегов од нотар каде што дадов изјава дека ниту сум поседувала ниту во моментов поседувам друго државјанство освен македонското. Барам до сите пратеници да го направат истотот со цел да покажаеме дека промените треба да почнат од сите нас и дека навистина немаме двојни аршини“, истакна Зајкова.

Реагирајќи на предлог-законските измени на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се предвидува пратеник во Собранието да може да стане лице што има само македонско државјанство,  Зајкова, вели дека ваквата одредба не треба да важи само за пратениците, туку и за сите избрани и именувани функционери.

„Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на ‘големите’ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите – така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес. Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните, без одлагање“, коментира Зајкова во објава на Фејсбук.

Дополнително, таа ги повика пратениците кои се предлагачи на законските измени да побараат оставки од министрите кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот.