Зајкова: ЛДП по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи


Фото: Б. Грданоски

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, денеска најави дека повторно, по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој се намалуваат и укинуваат неоснованите банкарски трошоци кои банките им ги наплаќаат на граѓаните.

– Конечно после две години постојано говорење и борба  имаме добра вест –  гувернерот на Народната банка го прифати предлогот на ЛДП – да се намалат банкарските провизии и трошоци што со години ги празнат џебовите на граѓаните! НБРМ ги намали надоместоците на банките, сега е на ред ние да ги намалиме трошоците на граѓаните. На народот му наплаќаат за сè: за трансакции, за одржување сметки, за да си ги гледате парите на банкомат, па дури и за да ги извадите од банкомат! Огромни профити за банките, празни паричници за народот, изјави Зајкова во собранискиот прес-центар.

Зајкова посочува дека само за првите три месеци од годинава секој жител на Македонија – па дури и новороденчињата – им дале по 1000 денари на банките, односно повеќе од 5000 денари по семејство, средства кои може да се пренаменат за зголемување на платите и на пензиите.

– Граѓаните не се банкомати, не се бројка за профит, туку луѓе што се борат да преживеат“, рече Зајкова и додаде дека ова не е политика, туку прашање на финансиска правда.