Загребска берза значајно ќе го зголеми уделот во Македонска берза, од 5,3 на 15,19 отсто


Финансискиот регулатор на Северна Македонија ѝ одобри на Загребската берза да го зголеми нејзиниот удел во Македонска берза од 5,3 на 15,19 проценти со стекнување на 276 акции, објави Загребската берза

 

Загребската берза (ЗСЕ) продолжува да се шири и на другите регионални пазари. Според ЗСЕ, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија донессе одлука да ѝ одобри на Загребската берза натамошна аквизиција на акции на Македонска берза.

Откако Загребската берза се здоби со удел од 5,3 проценти на македонскиот пазар на капитал на крајот на 2019 година, регулаторот таму позитивно ја оцени деталната документација доставена од Загреб и се согласи на понатамошно стекнување акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 20 проценти од вкупно издадени акции со право на глас. Така, Загребската берза има намера да го зголеми сопственичкиот удел на Македонската берза од 5,3 на 15,19 проценти со стекнување на 276 акции, или 9,89 проценти од акциите на Македонската берза, објави ЗСЕ на нејзината интернет страница, пренесува Пословни дневник.

Двете берзи соработуваат многу успешно многу години со размена на знаења и искуства, а интензивно од 2014 година, кога заедно со Бугарската берза беше основана компанијата SEE Link d.o.o. Скопје, во која трите берзи делат еднакви сопственички удели. Соработката дополнително се интензивираше во 2019 година, кога Македонската берза на хартии од вредност потпиша ексклузивен договор за соработка со хрватската компанија Funderbeam Југоисточна Европа д.о.о. (Funderbeam ЈИЕ), во која берзата во Загреб има третина од сопственоста и е дел од естонската фондација Funderbeam, која управува со платформа за финансирање стартапи.

Партнерството со Македонската берза на хартии од вредност на ова поле е едукативно и промотивно, со цел да им се презентираат на локалните компании можностите за собирање капитал преку оваа иновативна платформа со цел понатамошен развој на бизнисот и созревање до фазата на потенцијално котирање на берзата.

На почетокот на овој месец, двете берзи потпишаа договор за соработка во областа на едукативните услуги што ќе им ги обезбедува на учесниците од Македонија академијата на Загребската берза, а компаниите котирани на Македонската берза учествуваат на конференции за инвестиции организирани од Загрепската берза.

Ивана Гажиќ, претседател на Управниот одбор на Загрепската берза

„Нашите два пазари се многу блиски. Консолидацијата е природен развој на патот не само за помалите, туку и на глобалните, големи пазари на капитал. Целта е да им се обезбеди на пазарите поголема видливост, а на инвеститорите и компаниите подобра и поекономична услуга и повеќе можности да инвестираме и да собереме капитал. Долги години успешно соработуваме со нашите колеги од Македонија и нашата намера е понатаму да ја продлабочуваме оваа соработка на заедничко задоволство и придобивка на двете економии “, рече Ивана Гажиќ, претседател на Управниот одбор на Загрепската берза.