Загадувањето произлегува од повеќе сегменти и треба да се преземаат поголеми мерки


Скопје од Водно/ Фото: Б. Грданоски

И покрај тоа што овој декември се регистрирани најдобри вредности во однос на загадувањето, сепак мора да се преземат поголеми чекори за во иднина да се спречи истото. Загадувањето произлегува од повеќе сегменти, па така треба да се работи на промената на начинот на греење на домаќинствата, начинот на превоз на граѓаните, уништување на дивите депонии, контролирање на индустриските капацитети, неконтролираното градење, како и се она што го загрозува квалитетот на воздухот, беше заклучено на денешната дебата „Како да се намали загадувањето на воздухот?“, организирана од страна на Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС).

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на дебатата го потенцираше успехот на Градот за чистење на дивите депонии. Активно за два месеци, како што рече, имаме исчистено над 120 депонии.

Таа додека дека се мапираат дивите депонии, се следат и истовремено се затвораат за да не може повторно да се случи полнење на истите.

– Инспекторатот презема сериозна акција кадешто покрај дневни контроли,  се вршат и вонредни надзори на индустриските капацитети како би можеле да детектираме каде има индустриски капацитети кои што го загадуваат воздухот, водите, почвите и претставуваат опасност по здравјето на луѓето, рече Арсовска.

Таа додаде дека активно се креираа сет на мерки за спречување на загадувањето и ги повика експертската јавност и граѓаните да дадат свои предлози со цел да се креираат најдобрите мерки.

– Верувам дека по креирањето на оној Совет на Град Скопје, којшто е во план некаде во следните десет дена да биде неговото формирање, дека таму мерките коишто ќе произлезат, а коишто сакаме да ги воспоставиме како еден систем преку којшто сите релевантни организации и оние коишто се навистина најтесно поврзани од инситуциите во делот на овозможувањето на креирање на политики и мерки кои треба да се имплементираат во градот, не само во градот туку и пошироко, дека ќе профункционира со предлози коишто ќе можеме да ги имплементираме во следниот период затоа што нашата цел е загадувањето никако да не ги надминува оние граници на загадување на воздухот коишто би биле непрепорачливи за здравјето на граѓаните, нагласи градоначалничката на Град Скопје.

Таа истакна дека тој систем на мерки треба да биде имплементарен.

– Да се надополнуваат сите меѓусебно и да можеме во некој сериозен период во следните шест месеци до една година сите активно да бидат применети, како би можеле да направиме нешто посериозно и следната грејна сезона да ја дочекаме без надминување на овие граници што ги гледаме сега во овој период, рече Арсовска.

Преземале обврска, како што додаде, да имаме по минимум 100.000 нови дрвја кои што ќе бидат практично една фаза на пошумување, односно на Скопје.

– Тоа  активно да се прави, почнувајќи од оваа година и секоја година понатаму како еден проект којшто верувам дека со ваквото ниво на градење кое што го имаме во изминатите години мора да се преземе нешто, рече Арсовска.

Најави и дека ќе го отворат процесот на креирање на генералниот урбанистички план којшто ќе биде наменет за тоа во која насока ќе се развива Скопје во наредните 10 години.

– Треба да се стави насока на тоа да се развиваат и инфреструктурно да се подобруваат сите оние населби кои што се надвор од централното градско подрачје, додека централното градско подрачје треба да се потрудиме да биде чисто, да се зазелени, едноставно оваа инфраструктура што ја има во моментов да се подобри, а никако во случај да се оди како што тоа било досега неплански да се гради и да се нарушува постојната инфраструктира којашто ја имаме, потенцираше градоначалничката.

Татјана Стојановска од „Независните од Карпош“, советничка во Општина Карпош, посочи дека самото загадување на воздух не можете да го дефинирате само со еден сегмент, односно греење или само индустриски загадувачи. Наведе дека во Општина Карпош има и диви депонии кои треба да се исчистат, на на тие места да се направат зелени површини. Укажа дека за сето тоа е потребен многу поголем број на луѓе што ќе ја вршат функцијата на инспекција и контрола во рамките на Општината, таа, како што рече, недостасува и мислам дека е најгорлив проблем со решавање на загадувањето.

– Загадувањето во Скопје доаѓа од самото тоа што временските прилики не дозволуваат голема проветреност на воздухот. Со тоа ние мора да ги намалиме емисиите, ама емисиите не само во еден сегмет, туку во сите сигменти, рече Стојановска.

Таа, во однос на работата на Општината,  напомена дека мора да постои соработка меѓу останатите општини, барем со соседните бидејќи воздухот не стои, загадувањето се пренесува од една во друга општина.

– Притисокот, пред мислам дека пред се треба да биде на институциите, на реално регистрирање на загадувачите во реално време и што побрзо санкционирање, на друг начин нема да имаме некои поголеми резултати, оцени Стојановска.

Таа упати апел до Град Скопје за обезбедување на алтернативен превоз на граѓаните, бидејќи сегашниот влијае на загадувањето на воздухот.

Јане Димески од „Шанса за Центар“, советник во Општина Центар, нагласи дека освен што после 10 години дискусии за загадувањето, политичарите почнале да се осврнуваат на таа тема, не забележува поместување на декларативното ниво.

– Општина Центар веќе го губи целиот простор кој евентуално може да се користи за да се апсорбира загадувањето на воздухот.  Изгубивме огромни површини. Сетоа тоа е покриено со асфалт за паркинзи или со станбени згради. Тоа е насоката во која уште се движи општината, секоја празна површина се пополни со зграда и тука не гледам како тоа воопшто може да го сопреме, односно да збруваме за намалување на загадувањето ако постојано трупаме нови луѓе, нови автомобили и се намалува целата површина којашто потенцијално би можела да не штити од нешто, нагласи Димески.

Тој посочи дека Општина Центар има доста добар документ од локален еколошки акциски план, но тој е во фаза на документ, ништо од него не е спроведено веќе со години.

– Оваа година се обидовме да тргнеме од некоја точка, предложивме еден амандман за да се направи прво попис на сите оние димоводни канали во општината, односно да направиме попис од каде се во општина чади, што чади и што излегува од таму и врз основа на некои такви податоци да се мапираат сите реони во Центар па да видиме кои мерки потоа можеме да ги преземеме. За жал тој амандман ни беше одбиен, но ајде да видиме во теков на годинава можеби нешто ќе се менува, рече Димески.

Тој нагласи дека во последните десет години, Центар добил 10 катни гаражи, а паркови нула и тоа, како што рече, е илустративно во која насока оди политиката и дејствувањето.

– Значи, една од основните работи е дека мора да го запреме тоа безумно градење на сите површини.
Политиката кон градењето мора да биде една основа во Центар, како да се спречи загадувањето, а потоа политики кон луѓето кон домашното греење, да биде начин како ќе намалиме сето она што исчадува од Центар, додаде Димески.

Тој посочи дека според податоците околу 100 домаќинства во Центар се греат на јаглен, истакнувајќи дека тие домаќинства мора да се пренасочат кон друг начин на загревање.

– Друго што треба да промениме е да се напушти онаа позиција на ненадлежни. Како на пример, имаме инсталации кои правно гледано навистина не спаѓаат во ингеренции на општината, како Институтот за рехабилитација кој користи мазут за загревање,  но Општината туку не може да се апстрахира себе си од каква било одговорност бидејќи таа е прва власт до граѓаните. Затоа ние треба да бидеме тие кои ќе „тропаме на вратите“ на надлежните институции и буквално да им досадуваме да се наметне тоа како приоритет во нивната работа односно замената на начинот на загревање, потенцираше Димески.