Заев: Верувам дека утре ќе можам да ги соопштам кандидатите за заменици-министри


Фото: Б. Грданоски

Постапката за утврдување на имињата на кандидатите за заменици-министри е во тек, изјави денеска премиерот Зоран Заев при посетата на Куманово, каде присуствуваше на отворањето на нова индустриска зона.

– Јас сум подготвен утре-задутре да ги доставам имињата на предлозите за заменици-министри до Собранието, а Собранието веројатно по 20 септември ќе го стави на дневен ред нивниот избор, истакна Заев.

Според него, услов за избор на замениците-министри е Собранието да ги оформи своите помошни тела за да може да функционира, како и да се верификува мандатот на новата пратеничка која ќе го заземе местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Тој соопшти и дека бил информиран оти пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, кој беше болен од Ковид-19, од изутринава е вратен на работа.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев потенцира дека во моментов не може да ги соопшти имињата на замениците-министри, затоа што со коалициските партнери се уште ги нема утврдено сите кандидати.

– Се уште правам интервјуа со кандидатите, разговарам со нив како потенцијални заменици-министри. Верувам дека ќе завршам до утре, за да можам да им ги соопштам на јавноста и да ги доставам до Парламентот, истакна премиерот Заев.