Заев: Приказните за некаков пуч во СДСМ се измислени, немам политички амбиции

Поранешниот премиер преку Фејсбук ги демантира информациите дека наводно сакал да се кандидира за претседател на државата. Тој нив ги нарече „инсинуации“


 

Во една поголема објава на Фејсбук поранешниот премиер Зоран Заев ги демантираше наводите објавени пред Нова година дека имал некаков „пеколен план“ за пуч во СДСМ, според кој требало да има избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе направеле заедничка влада, а тој би требало да биде претседателски кандидат во 2024. Овие наводи Заев ги нарече „инсинуации“, велејќи дека „нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата“. Тој вели дека тие наводи биле емитувани од различни центри, на кои им се приклучил и Никола Груевски од Будимпешта.

Заев ги наведува успесите што ги постигна како претседател на СДСМ и премиер – од уривањето на режимот на Груевски, преку Преспанскиот договор до членството на Македонија во НАТО. Тој нагласува дека сите „противења, кочења, негодувања, мрчења, суетности… токму тие луѓе, со своето противење, несакајќи, а богами некои од нив и свесно и намерно (Груевски, на пример), ги имаат помогнато сите овие процеси“.

Еве делови од она што го напиша Зоран Заев на Фејсбук:

„Изминативе денови, различни центри (и суетни, и криминални, и комбинации од двете, на кои им се приклучи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски) ме споменуваат во различни конотации. Од тоа дека ќе сум правел пуч во СДСМ, до тоа дека ќе сум бил кандидат за претседател на Република Северна Македонија, со заедничка подршка на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции и би сакал уште еднаш да ги демантирам ваквите инсинуации за мое повторно политичко ангажирање.

Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата.

Како претседател на СДСМ ја обединив партијата. А, обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично. Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество.

Истовремено, македонската влада предводена од СДСМ не престана да испишува историски успеси. Ја внесовме Северна Македонија во НАТО, ги решивме домашните меѓуетнички тензии и поделби, станавме пријатели со сите наши соседи и со целиот демократски свет. Благодарение на политичките на градење пријателство со соседите, но и севкупните меѓународни политики ја добивме автокефалноста на нашата МПЦ-Охридска архиепископија, станавме една од трите држави кои ја основаа економската иницијатива Отворен Балкан и започнавме преговори со ЕУ.

Не може да се заборави дека и тогаш имаше противници на сѐ што работевме и на сѐ што постигнавме. Некои беа против само поради тоа што тие во нивното време не успеале да го направат она што ние за четири години го постигнавме заедно со народот. Меѓу нив беше и поранешниот премиер и бегалец од правдата Груевски, ама и други кои од исти или слични причини едноставно не сакаа да се случат македонските успеси. Некои заради тоа што суетата им е преголема (Героски ќе се препознае овде, веројатно). Трети, пак, беа против затоа што имаат потреба постиојано да негодуваат, да мразат и мрчат, оние на кои ништо не им се погодува (тоа се луѓе како шкорпиите од приказната за шкорпијата и жабата). Четврта група беа тие што не можат едноставно да простат успех на друг, оти, нели, во Македонија може да ти простат сѐ, ама успех не ти се простува.

Но времето и досега покажуваше, а особено допрва ќе покажува колку биле храбри, исправни и правилно насочени одлуките што сме ги донеле за македонскиот народ и државата, без разлика на блокадите кои постојано ни ги ставаат сите противници.

Убавината на сите овие противења, кочења, негодувања, мрчења, суетности, вака од дистанца гледано, е во тоа што токму тие луѓе, со своето противење, несакајќи, а богами некои од нив и свесно и намерно (Груевски, на пример) ги имаат помогнато сите овие процеси. Сите тие, со нивното делување и противење, го охрабрија мнозинството народ да опстои во својата верба за осигурување на евроатлантската иднина на државата, во градењето пријателството со соседните земји, во воспоставување на кохезијата во нашето мултиетничкото општество преку концептoт на кој му аплаудира целиот демократски свет – концептот ‘Едно општество за сите’.

Тие луѓе, политичари, новинари, аналитичари… индиректно, а богами и директно, во клучните моменти за државата помогнаа за обезбедување дури и на двотретинско мнозинство во парламентот за Договорот од Преспа и другите важни одлуки, со што беа совладани тогашните анти-НАТО и анти-ЕУ политики на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“.