Демократскиот сојуз заклучил дека протестите во Европа се поради „високото ниво на корупција“
Владиниот партнер од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Демократскиот сојуз одржал проширена седница на неговото претседателство на која, меѓу другото, се расправало за протестите на младите во Европа. Партијата на Павле Трајанов заклучил дека главна причина за протестите во Европа е „високото ниво на корупција“. Освен тоа, причина за протестите биле и „нефункционалноста на образовниот и здравствениот систем, неправедната распределба на доходот, сиромаштијата, ограничените можности младите да дојдат до сопствен дом, како и незадоволството од миграциските политики“. Со неколку збора, Европа не знае каде оди и затоа има многу протести.
ДС смета дека се неопходни дополнителни напори за деблокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија, како и јасно дефинирање на националните приоритети и развојните политики на државата. Партијата се залага за бескомпромисна, ефикасна и ефективна борба против криминалот и високата корупција. Но постојниот правосуден систем ја губи довербата на граѓаните и не обезбедува доволно гаранции за владеење на правото и еднаква примена на законите. Затоа, потребно е донесување закон за работата на Уставниот суд, утврдување ограничен мандат на судиите, со темелна евалуација на нивната работа на секои седум години, како и утврдување кривична одговорност за коруптивни одлуки. ДС бара суштинска реформа на здравствениот систем, со еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги, како и реформа на образованието, вклучително и затворање на високообразовните установи кои не ги исполнуваат академските стандарди и издаваат дипломи без соодветно исполнување на студиските обврски и полагање испити.