Мицкоски од Брисел го осуди нападот врз девојката во Охрид


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски упати остра осуда за нападот врз младата девојка во Охрид изразувајќи поддршка до нејзиното семејство и ветувајќи дека институциите ќе сторат сè сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

Мицкоски, кој денеска се обрати од Брисел, рече дека неговото обраќање требало да биде посветено на сосема друга тема односно на состаноците и разговорите за борбата за интересите на Македонија во Белгија.

– За жал, до мене стигна ужасната вест која ги потресе охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое се случува – изјави Мицкоски, соопшти владината прес-служба.

Тој нагласи дека како човек и родител сака да изрази поддршка до семејството на девојката посочувајќи дека Владата ќе преземе сè што е во нејзина надлежност за сторителот да одговара пред правдата.

– Како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција, и јас како претседател на Владата, лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата – порача премиерот.

Тепачот на девојката во Охрид е лишен од слобода денеска во попладневните часови. СВР Охрид против него поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Тешка телесна повреда.

Кај 31-годишниот охриѓанец, кој е осомничен за нападот, алкотестирањето покажало 1,29 промили алкохол во крвта.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска кажа дека интензивно се работи на случајот и дека се свесни оти мора брзо и ефикасно да постапуваат.

„Ве уверувам дека Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот и очекувам во текот на денот да бидам известен од надлежниот јавен обвинител, па дури и да биде донесена конечна јавнообвинителска одлука“, рече Савески.