Заев: Кога ќе тргнете против СДСМ, не може да бидете дел од СДСМ
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев денеска ја појасни одлуката на партијата да го исклучи Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на Куманово, повикувајќи се на Статутот на партијата.
– Кога ќе тргнете против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ, не може да бидете член на СДСМ – рече Заев. – Во Куманово ќе победи тој што 30 години победува, а тоа е Социјалдемократскиот сојуз – додаде лидеорт на СДСМ Зоран Заев.
Според Заев, „неговата одлука да не ја дочека одлуката на СДСМ, туку преурането да оди како независен кандидат“ придонела за ваквата одлука на партијата.
Димитриевски смета дека неговото ислучување не е легитимно бидејќи не е согласно статутот на СДСМ.
– Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ. Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржале. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат – рече Димитриевски.
Претходно, Димитриевски соопшти дека ќе настапи на локалните избори како независен кандидат, по сознанија дека нема да ја добие поддршката од СДСМ. Вчера, СДСМ соопшти дека за градоначалник во Куманово го кандидира Оливер Илиевски.