Заев и Битиќи до оштетените штедачи од „Еуростандард банка“: Законски до обесштетување

На средбата претставниците на оштетените штедачи ги предочија проблемите со коишто се соочуваат физичките и правните лица, по пропаѓањето на „Еуростандард банка“ и понудија предлози за можни решенија.
Премиерот Заев ги сослуша нивните барања и истакна дека Владата има силна волја да им излезе во пресрет на оштетените граѓани и дека тоа ќе се направи согласно постоечката законска рамка. Тој предочи дека Народната банка на Република Северна Македонија навремено реагирала и презела сѐ што е во нејзина надлежност во однос на нерегуларностите во работењето на „Еуростандард банка“.
„За нас како Влада првенствен е вашиот интерес како оштетени граѓани, во смисла да обезбедиме соодветни услови за ваше обесштетување. Тоа што е во наша моќ, ние ќе го направиме, но мораме да ја почитуваме законската рамка. Законската рамка и правила се јасни и тие не предвидуваат државата директно да се инволвира преку исплаќања од буџетот. Тоа не смееме да си го дозволиме затоа што тоа е спротивно на законите“, истакна премиерот Заев на средбата.
Тој додаде дека се покренати кривични пријави и други мерки што се во надлежност на јавното обвинителство и ги увери претставниците на оштетените граѓани дека нивните предлозите и сугестии ќе бидат следени од страна на институциите и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за нивно обесштетување согласно законот и стечајната постапка.