Економскиот раст, дигитализација и вештачка интелигенција во фокусот на Самитот „Македонија2025“ што почнува в понеделник

Забрзување на економскиот раст, дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции, примена на вештачката интелигенција, враќање на инвестициите и улогата на дијаспората во националниот раст, ќе бидат во фокусот на претстојниот Самит „Македонија 2025“, што ќе почне в понеделник.
Економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави, ќе говорат на панел дискусиите на Самитот, на кој се очекува да присуствуваат околу 550 гости, беше посочено на денешниот брифинг. Официјалниот дел на самитот во вторник ќе го отворат Виктор Мизо, претседавач на Одборот на директори на Македонија 2025 и Никица Мојсоска Блажески, извршна директорка на Македонија 2025.
„Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ е насловен првиот панел на кој ќе говори македонскиот премиер.
Поранешниот премиер на Грузија Ник Гилаури е најавен дека ќе говори на панел дискусијата „Економски пресврт преку болни реформи“, чиј модератор ќе биде Мајк Зафировски, додека поранешниот министер за финансии на Полска Тадеуш Кошчински ќе говори на темата „Различни патишта, една дестинација: Стратегии за економски раст“. На овој панел е најавен и поранешниот американски амбасадор во земјава Филип Рикер.
На тема „Трговија, талент и иднина на глобалните економски партнерства“ ќе говори амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во земјава, Абдула Али Атик Обеид АлСубуси.
Македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски е најавен на панелот „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, каде што ќе говори и Матијас Дауб, основач на „Сосиетек“.
Учесниците ќе дискутираат и на теми за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, потоа за редефинирање на стратегии за странски директни инвестиции – усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции, ќе се дискутира и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.
Еден дел од самиот ќе биде посветен и на вештачката интелигенција преку панел-дискусиите: „Вештачка интелигенција, истрајност и неконвенционалниот пат: Инспиративен разговор со Дао Џенсен“, „Револуција на вештачката интелигенција: Како технологијата ги преобликува традиционалните индустрии“, „Нова ера: Како вештачката интелигенција го редефинира нашиот свет“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се очекува да има обраќање на затворање на Самитот Македонија 2025.
Во рамки на Самитот ќе бидат доделени награди за академска извонредност на Фондацијата Атанас Близнакоф.