Забрзува трката по вакцина против коронавирус

Научници ширум светот се во потрага по вакцина против коронавирус. На листата на СЗО се 160 потенцијални вакцини. Кој ќе победи во трката, уште е неизвесно. Три тима веќе започнаа опсежни, завршни студии
Листата на Светската здравствена организација постојано се зголемува и се дополнува со нови потенцијални вакцини против коронавирус. Во меѓувреме, научниците ширум светот истражуваат преку 160 можни вакцини. 23 експериментални вакцини веќе им се вбризгани на доброволци. Сепак, кој ќе ја добие трката и пред сѐ, колку брзо?
Кој од кандидатите за пронаоѓање вакцина ќе се пробие, моментно е непредвидливо, вели Клаус Иберла. Тој е виролог на Универзитетската клиника Ерланген и член на Постојаната комисија за вакцини (СТИКО), член на експертското тело кое работи на предлози за вакцини за Германија.
Три проекти во завршна фаза
Но, веќе најмалку три проекти, еден од Велика Британија и два од Кина, ja започнаа третата фаза на студиите. „Тоа е веќе последен чекор на клиничко тестирање”, објаснува Улрике Протцер, професорка на Техничкиот универзитет Минхен, која истражува вакцини против различни вируси. Но, овој чекор е најсложен и најскап и трае најдолго- обично две години, вели Протцер. Моментно се прават обиди процесот да се забрза, со паралелно вклучување на што поголем број пробанди.