„За жал, кризата во Заливот ќе потрае“: Мицкоски го „чува“ намалувањето на ДДВ за бензините за понатаму?


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека кризата во Заливот ќе потрае, а со тоа и состојбата на пазарот на нафтени деривати, чија цена изминатите неколку недели е повторно во пораст, а согласно одлуката на РКЕ од понеделникот дизелот чини 101,5 денари за литар, а бензинот 95 денари за литар, што е нивна највисока цена уште од октомври, односно ноември 2022 година. Мицкоски, сепак, денеска не кажа конкретно дали Валдата планира да ја намали стапката на ДДВ за дериватите како одговор на растот на цените, туку рече дека таква мерка се планира.

„Да, планираме, имаме јасна стратегија, имаме јасен план“, рече Мицкоски одговорајќи на конкретно прашање во врска со намалување на стапката на ДДВ за горивата, која сега е 18 отсто.

Владата во изминатиот период веќе применуваше таква мерка, заедно со намалување на акцизата, со цел да го амортизира влијанието на цените на дериватите врз цените на другите производи. Сега, меѓутоа, се воздржува од таков потег, а премиерот, кој одговараше на прашања на новинарите при неговата посета на УХМР, објасни и зошто.

„Според нашите анализи ова ќе потрае, може да потрае и неколку години оваа состојба што се случува во Заливот, така што внимателно ги повлекуваме чекорите за да не ја нарушиме макроекономската стабилност во државата, а од друга страна да обезбедиме убедливо најевтини горива за граѓаните и за индустријата во Македонија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека целата оваа состојба „за жал ќе потрае малку подолго од тоа што се предвидуваше“ односно може да потрае и неколку години.

„Така што, оваа состојба која што сега ја имаме, на ниска инфлација, најниски цени во регионот, а притоа да обезбедиме солиден економски арст и макроекономска стабилност, ќе продолжи и понатаму“, рече Мицкоски.

Запрашан колкави се резевите на нафтените деривати, тој одговори дека нив ги има доволно и дека се доволни за да се опслужи поголем конзум на нафта и нафтени деривати за 50-60 проценти од времето пред кризата.

„И не воведовме забрана, неколку аеродроми во регионот се снабдуваат со реекспорт од Македонија, така што бидете спокојни“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека и со новото зголемување на цените на дериватите, дизел горивото во Македонија е за половина евро по литар поевтино од тоа во Албанија, за 35 евроценти е поевтино од тоа во Србија денеска, од 30 до 50 центи по литар е поевтино од сите држави во регионот, Грција, Хрватска, Словенија, БиХ, Црна Гора и тн. без разлика дали станува збор за безоловниот бензин или за дизелот.

„Ако ја оставиме политиката на страна и почнеме да ги гледаме бројките ќе дојдеме до заклучок дека во моментот, плаќаме најевтино, бидејќи сите купуваме од исто место нафта и нафтени деривати, граѓаните во Македонија, но и граѓаните на дел од соседните земји кои доаѓаат во Македонија на бензинските пумпи да ги полнат резервоарите на своите автомобили и своите превозни средства“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека како влада обезбедуваат снабдување не само за македонските граѓани, како и дека за отприлика 50-60 проценти е зголемен вкупниот волумен на бензин и на дизел гориво кое што се продава изминатите месеци.

„Притоа, успеавме да ја одржиме макроекономската стабилност во државата, инфлацијата да ја намалиме на најниска во регионот, 2,3 проценти на годишно ниво во јули месец, и 1,7- 1,8 проценти кај трговијата на мало. Ова се фактите“, рече Мицкоски. (М.Ј.)

 

На истата тема:

 

Дизелот „отиде“ на 101,5 денари за литар