За власта Предлог-буџетот за 2021 е скроен да се справи со здравствената и економската криза, за опозицијата е промашена работа

Пратениците попладнево ја почнаа расправата за Дополнетниот предлог буџет за 2021 година во кој се вградени 18 амандмани од собраниската расправа на матичната Комисија за финансирање и буџет.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето истакна дека како резултат на здравствената криза предизвикана од Ковид-19, домашната економија се соочила со една од најдлабоките рецесии досега што резултирало со пад на економската активност во вториот квартал од речиси 15 проценти. Сепак, очекувањата на Владата се дека годината ќе заврши со пад од 4,4 проценти.

– Здравствено-економската криза во изминатиов период од 2020 година имаше силно влијание на реализацијата на Буџетот. Исто така, донесените сеопфатни мерки на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 изразени преку четири сета мерки (кои беа  во насока на амортизирање на ударот врз економијата и стимулирање на потрошувачката) имаа влијание на економската активност и преку нив се овозможи заштита на работните места, ликвидност на Буџетот, се сервисираа најприоритетните обврски, со сведување на минимум на сите помалку продуктивни трошења, истакна Бесими.

Дополнетиот предлог буџет, според Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

– Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, нагласи Бесими.

Во однос на реализацијата на Буџетот за 2020 година рече дека заклучно со ноември, реализацијата на приходите е во рамки на очекувањата, а расходите се реализирани редовно и навремено. Вкупните приходи во периодот јануари-ноември годинава се реализирани во износ од 170,2 милијарди денари што е 86,7 проценти од проектираните, додека реализацијата на вкупните расходи изнесува 85, 3 проценти или тие се реализирани во износ од 210,3 милијарди денари.

За опозицијата, Дополнетиот предлог-буџет нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.

– Се згреши во проценките, а милјардата која се потроши за економски мерки, не ги даде очекуваните резултати. Во најдобар случај ќе ни требаат две години да се вратиме на нивото како пред кризата. Владата нема стратегија, има само ад хок решенија, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Посочи дека на економски план годината ќе заврши најлошо и дека падот нема да биде 4,4 проценти, туку 5,4 проценти. За јавниот долг рече дека е највисок досега, а лоша е и реализацијата на капиталните расходи.

Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.

– Главната цел е одржување на функционалноста на економијата.Буџетот е избалансиран со фокус на здравството и поддршка на започнатите реформи, посочија од СДСМ, потсетувајќи дека во изминатиот период се реализирани четири сета антикризни мерки за зачувување на ликвидноста на стопанството и на работните места.

Расправата по дополнетот предлог буџет на пленарна седница трае три работни дена, по што се гласа по предлогот.