За вербална закана кон претседателката на битолскиот Совет бизнисмен доби 6 месеци условен затвор

Александа Талевски ѝ се закануваше на Габриела Илиевска и на уште десетина советници во кафеана сред Широк Сокак


 

БИТОЛА – Александар Талевски, бизнисменот од Битола, кој вербално нападна советници од битолскиот Совет доби алтернативна мерка, условна осуда казна затвор од 6 месеци која нема да се изврши доколку во период од една година и шест месеци нема да повтори кривично дело. 

Ваква  пресуда денеска донесе Основниот суд во Битола, откако битолското јавно обвинителство даде предлог-спогодба.  Судењето беше на 10 овој месец.

За синовите на Талевски, кои исто така беа дел од овој настан, изречена е алтернативна мерка 3 месеци казна затвор, која нема да се изврши ако за 1 година не сторат ново кривично дело.

Од битолското јавно обвинителство за „Независен“ кажаа дека за ова дело може да се склучи спогодба, бидејќи сите тројца обвинети претходно не се осудувани.

Два дена пред прославата на Нова година, во кафеана на Широк Сокак, Талески вербално упатил закани по живот кон претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, и уште десетина други советници од различни политички партии. Ситуацијата отиде дотаму што интервенираше и битолската полиција.

„Донесена е пресуда врз основа на предлог спогодба. За сите тројца учесници во овој случај има посебна пресуда.  Обвинителството и обвинетите постигнаа спогодба за видот и висината на казната и отштетно побарување за оштетените. Предлог-спогодбата е прифатена од судот и е донесена пресуда“, официјално потврдуваат од Основниот суд Битола за „Независен“.

Повеќе од десет присутни советници на овој настан, што од ВМРО ДПМНЕ, што од СДСМ и независната група „Поинаку“, само тројцата независни советници може да бараат и отштета  од условно осудените.

Така, од Основниот суд велат дека претседателката на Советот Габриела Илиевска, и нејзините советници Иван Чулакоски и Алмир Адемовски,  „се упатени на спор за остварување на имотно право барање“, односно дека во граѓанска постапка ќе може да бараат надомест на штета, потврдуваат од судот.

Оштетените советници од судот се упатуваат на „имотно-правно барање“ и од синовите на бизнисменот, стои во пресудата.

Претседателката на Совет Илиевска, вели дека „онака како што очекував институциите си ја завршија својата работа, бидејќи никој не е над нив. Ниту јас, ниту некој друг“.  А, во врска со барање на отштета,  таа е категорична „немаме намера да тужиме приватно и да бараме какво било обештетување“, ни изјави Илиевска.   

Бизнисменот Талевски за одлуката за ова дело вели дека „ме донесоа во ситуација да направам спогодба со Обвинителство и да признам делумно вина која не ја сторив. Јас само вербално им се обратив, а за нивната намера не сакам да зборувам“, ни изјави бизнисменот Талевски за спогодбата.

Овој случај крена голема прашина во Битола, особено што учесниците во инцидентот се јавни личности од градот, а најголем дел од нив актери од политичката сцена. Два дена пред Нова година, кога битолскиот Совет го изгласа буџетот за оваа година, над десетина советници седнале во една од битолските кафеани на Широк Сокак да се почестат секој на своја сметка. Тогаш, според сведочењето на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, бизнисменот дошол и упатил вербални закани по живот, не само кон претседателката на Советот туку и кон сите останатите  советници.

„Упатија вербални закани,  животнозагрозувачки кон сите во просторијата. Заминаа и по неколку минути побаравме сметка и ние да заминеме бидејќи за сите беше непријатна ситуација, но вработената ни кажа дека нѐ чекаат долу на првиот кат и дека не ќе можеме да излеземе. Викале дека ќе нѐ убијат. Јас повикав полиција, па дел од советниците беа извлечени кога дојде полицијата, зашто сите бевме загрозени“, сведочеше тогаш Илиевска.

Бизнисменот Талевски првично негираше дека упатил закани по живот кон советниците, туку дека само го прашал советникот од „Поинаку“, Иван Чулакоски, каде му е бејзбол палката што ја вадел на говорница кога бил опозиција.

Ова е прв ваков случај од битолската политичка сцена кој завршил на суд со пресуда.