За угостителите уште шест милиони евра помош
За една од најпогодените стопански дејности – угостителството, ќе се обезбеди нова транша економска помош од државата. Владата предвидува 5,77 милиони евра директна финансиска помош од шестиот економски пакет. Таа ќе можат да ја искористат над две илјади компании од угостителската дејност.
Мерката важи за сите оние коишто беа затворени во периодот од 6 до 27 април, или вкупно 21 ден, за време на забраната за работа кога требаше да се спречи ширењето на третиот бран на корона вирусот. Од Владата информираа дека од 2.406 пристигнати апликации, пристап до помошта нема да имаат единствено 202 апликанти, кои не биле регистрирани со соодветна шифра на дејност.
Мерката предвидува на сите угостителски објекти да им бидат покриени 30 отсто од приходите. Тој износ се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година.
„Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра“, изјави претходно вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Во шестиот пакет мерки предвидени се и 2,5 милиони евра со кои ќе се поддржат рестораните за свадби, евент индустријата, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија.
Финансиска поддршка досега добија и сите регистрирани ресторани за свадби, во вкупна вредност од еден милион евра, а грантовите одделно се движеа во висина од 3.000 до 10.000 евра. Една од најзначајните мерки за рестораните и кафулињата е намалувањето на данокот за ресторански услуги и служење храна и пијалоци од 18 на 10%, со вкупна вредност од осум милиони евра.