За три години влегле 1,17 милијарди евра СДИ, што предвидува идната влада за наредните четири


Во изминатите три години во земјава влегле една милијарда и 170 милиони директни странски инвестиции, а само во првиот квартал годинава, откако земјава станала полноправна членка на НАТО, износот на странските инвестиции бил за 2,8 пати поголем од лани, рече мандатарот за состав на новата влада Зоран Заев претставувајќи ја во Собранието програмата за работа на новиот владин состав за наредните четири години.

Колку може да се задржи ова темпо е големо прашање со оглед на застојот во економиите во светот поради КОВИД-19, но Заев уверува дека политиките што ќе ги спроведува неговиот владин тим ќе овозможат забрзан економски раст, зголемување на вработеноста и поголем стандард за граѓаните.

„Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници за работа на Владата“, рече тој пред пратениците, додавајќи дека е потребно да се работи двојно повеќе со цел не само да се излезе од кризата со што помалку последици туку и земјата брзо да се врати на претходните стапки на траст. Тој е уверен дека има план за иновативна, стабилна, конкурентна македонска економија подготвена да одговори на новите предизвици и која ќе понуди шанса за секој. Според Заев во таквата економија платите ќе продолжат да растат.

„Се обврзуваме да ја задржиме минималната плата од 14.500 денари и со нови пакети и мерки да ги помагаме ранливите категории граѓани, компаниите, работните места“, нагласи тој. По завршување на кризата, владата ќе продолжи со заложбите – раст на минималната плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и раст на просечната плата од 20 до 30 проценти во зависност од должината и влијанието на корона кризата.

„Нашите цели се јасни – 20 илјади денари минимална плата и 34 илјади просечна плата до крајот на четири годишниот мандат“, рече Заев.

Тој вели дека новата влада знае како и може да ја врати нашата економија на солиден раст од 4 проценти до крајот на мандатот – при што иновативноста, дигитализацијата и претприемачкиот дух ќе го водат главниот збор во трансформацијата.

За да биде економијата успешна, подинамична, отворена и поконкурентна, Заев вели дека владата ќе обезбеди стабилна макроекономска рамка во која даночниот систем ќе биде предвидлив, ефикасен, праведен и сериозно ќе ја намали сивата економија, а ќе ја поттикне приватната иницијатива и инвестициите.

„Данокот на добивка останува на ниво од 10 проценти во целиот период 2020-2024 година, данокот на личен доход останува исто така на 10 проценти, но остануваме доследни на воведувањето правично прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консензус за негово воведување“, рече Заев, и додаде дека овој данок ќе се намали на нула проценти за ИТ секторот и тоа скалесто, на пет проценти во 2021, три проценти во 2022 и нула проценти во 2023 година.

„Ќе воведеме единствена даночна стапка од ДДВ од 10 проценти за ресторантските услуги, намалување од 18 на 5 проценти за занаетчиските услуги, ќе го укинеме персоналниот данок за обуки, преквалификации и добивање на лиценци“, рече тој.

Мандатарот исто така најавува дека идната влада ќе започне процес на укинување на парафискалните давачки заедно со коморите, фирмарината нема да ја плаќа ниту една новоформирана фирма во првите две години, ќе бидат ослободени од даноци сите основани фирми од млади луѓе до 30 години и жени се додека прометот на нивната фирма не надмине 3 милиони денари…

Сето ова, според него, ќе овозможи нето странските директни инвестиции да изнесуваат една милијарда евра, јавните инвестиции да достигнат 2,2 милијарди евра, а очекуваните директни приватни инвестиции над 1,2 милијарди евра за наредните четири години. Стапката на невработеност за време на кризата, како што нагласи, владата ќе ја држи стабилна, а по завршување на кризата ќе продолжи да ја намалува за три проценти годишно како во изминатите три години, а крајната цел е достигнување едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот. Во таа насока е и поддршката на домашните и на странските инвестиции со 300 милиони евра од домашните буџети и 300 милиони евра од европските фондови.
Важен дел од определбата на владата е инфраструктурата – па така Заев најавува изградба на 260 километри автопатишта, 300 километри експресни и регионални патишта, 950 километри локални и рехабилитација на 1.500 километри од постојната патна инфраструктура. Во овој дел е и планот за изградба на нови 500 километри канализации и водоводи за што што ќе бидат обезбедени 100 милиони евра за сите општини, а еден од клучните приоритети останува изградба на пречистителни станици за отпадни води и фабрика за преработка на цврст отпад.

„Националната гасоводна мрежа ќе ја завршиме целосно и уште во 2021 година во договор со ЗЕЛС ќе почнеме да ги градиме секундарната и терциерната гасоводна мрежа по градовите, општините и индустриските зони“, вели Заев додавајќи дека ќе продолжи изградбата на железниците, посебно на Коридорот 8 кој е во вредност од преку 500 милиони евра, како и целосно рехабилитирање на железницата на Коридодорот 10, но и на целата железница во нашата земја.
„Во процесот на рестартирање на економијата во рамки на стратегиите за закрепнување новата влада во потполност ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на европскиот зелен договор“, нагласи Заев.

Според него ваквиот пристап овозможува економија која е во функција и на интересите на луѓето и на здравата животна средина.

„За да го постигнеме тоа потребна ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата влада да го заокружи целиот мандат од 4 години“, порача Заев. (Н.В.)