Каде е министерката за финансии: СДСМ ја бара, ВМРО-ДПМНЕ ја правда. Тема Фискалната стратегија и задолжувањето

Политиките ќе бидат во насока на фискална одговорност и дисциплина, рече заменикот-министер Јанкуловски


 

Дебатата за Фискалната стратегија и за законот за задолжување за 260 милиони евра кои се на дневен ред на денешната 102. Седница на Собранието, ги стави во фокусот висината на јавниот долг, загрижувачкиот раст на каматниот товар за земените кредити, како и консолидацијата на јавните финансии, но и отсуството од расправата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Ова дотолку повеќе што изминатите денови на релација власт и опозиција дојде до препукувања околу новото задолжување и зголемените трошоци кои ќе паднат на товар на државата (што го тврди СДСМ), и повикот од страна на Димитриеска-Кочоска (преку Фејсбук) да ги соочат аргументите.

„Сѐ ви е по план, а сѐ се носи по брза постапка“, реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во процедуралната реакција за отсуството на министерката на денешната седница.

Тој не го оспори деловничкото право заменикот-министер да ги брани пред пратениците предложените документи, но посочи дека за сите важни прашања, како што е Фискалната стратегија, задолжувањето, буџетот и тн, министерката ја нема.

„Сметам дека за вакви важни документи треба да биде присутна министерката за финансии“, рече Спасовски, додавајќи дека „лесно е на Фејсбук да пишувате статуси дека повикувате да разговараме за Фискална стратегија, за долгови, за задолжување и тн, а да избегате од Собранието и да не бидете тука“.

„И тоа го прави за Буџетот, тоа го прави за сите овие работи, а јавноста бара објаснување. И нема подобар медиум, подобра можност, за тоа да дебатирате во рамки на законодавниот дом и за сите овие прашања кои што се од интерес на граѓаните да видиме која е визијата за фискалната стратегија“, рече Спасовски.

Владејачката партија ја одбрани министерката посочувајќи дека е на службен пат.

„Најмалку сакам да бидам адвокат на министерката за финансии, но заради јавноста да кажам дека таа е на патување во Словенија кое што беше планирано пред повеќе од еден месец, а законот за задолжување дојде претходната недела“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој посочи дека Димитриеска-Кочоска, како претседател на УО на ЦЕФ е во посета на ЦЕФ, каде што ќе се сретне со директорката на ЦЕФ и со претседателот на НО, како и дека е најавено дека во Скопје на 22 јуни ќе се одржи седница на УО и оваа посета на министерката е во таа насока.

„Повелете, има кредибилен и стручен заменик-министер, а на дел од прашањата ќе дадеме и ние свое мислење и се надевам дека ќе имаме плодна дискусија“, рече Мицевски.

Заменикот-министер за финансии Николче Јанкуловски елаборираше дека главните цели на фискалната политика која што ѝ овозможи на Македонија континуиран раст од вториот квартал 2024 година продолжуваат и во наредниот среднорочен период.

„Политиките ќе бидат во насока на фискална одговорност и дисциплина, планирање и користење на јавните средства во рамки на реални и одржливи фискални можности“, рече Јанкуловски, додавајќи дека фискалната консолидација се спроведува фазно и без нагли ограничувања кои би можеле да предизвикаат економски шокови.

Во дебатата за Фискалната стратегија, пратеникот Фатмир Битиќи (СДСМ), меѓу другото рече дека првата суштинска слабост на стратегијата е што не се придржува до пропишаните фискални правила за висината на јавниот долг и на буџетскиот дефицит од 3 отсто, бидејќи актуелниот за годинава е 3,5 отсто од БДП, а истото ниво е и за наредната година.

„Статегијата ја потврдува и легитимира фискалната недисциплина“, рече Битиќи, додавајќи дека станува збор за отстапување од законот за буџети, како и дека се соочуваме со институционализирање на дефицитот како нормална состојба.

Тој исто така се осврна и на приходите и расходите во Буџетот, односно расчекорот меѓу нив. Буџетските приходи до сега се релизирани со 36,12 отсто од планот, а расходите 39,98 отсто од планот, односно дека веќе е потрошен 77 отсто од годишниот буџетски дефицит.

„Со овие бројки Фискалната стратегија не нуди решение за фискалниот ризик“, рече Битиќи додавајќи дека гувернерот на НБМ во интервју деновиве најави зголемување на дефицот до 6 отсто од БДП, што покажува дека Владата тешко може да ја продава приказната дека состојбата е под контрола.

„Проблемот не е во критиката туку во фискалната реалност, 6 отсто дефицит се 900 милиони евра“, рече Битиќи. Тој исто така ја критикуваше власта дека дефицитот го оправдува со капиталните расходи, иако трошоците за „Бехтел и Енка“, ги тргна од Буџетот и ги префрли кај ЈПДП.  

Според Битиќи, не држи аргументот дека повисокиот дефицит има развојна компонента, односно е само алиби за дефицитот и задолжувањето. Тој предупреди дека јавниот долг е на самиот праг од 60 отсто, како и дека за само две години задолжувањето се зголемило за 2,5 милијарди евра.

„Проблемот не е само во долгот туку што стратегијата не докажува дека новото задолжување ќе создаде нова економска вредност во нашето општество“, рече Битиќи.

Според него најскапо предупредување е растот на обврските за камати, кои ја покажуваат вистинската цена на континуираното задолжување.

„Каматните плаќања растат од 346 милиони евра во 2026, на 397 милиони евра во 2027, па на 421 милион евра во 2028, па на 486 милиони евра во 2029, а во 2030 на 537 милиони евра, или вкупно 2,74 милијарди евра само за камати, и тие пари нема да се видат како нови училници, амбуланти, патишта…