За следната година обезбедени нови 5.000 дозволи за транспортерите


 

Министерот Благој Бочварски на традиционалната средба со превозниците, во организација на Асоцијацијата Макам Транс информираше за напорите кои се прават со цел обезбедување на дополнителни транспортни дозволи со кои се нудат дополнителни можности за македонските транспортни компании.

„Од наредната 2024 година Северна Македонија како полноправна членка на Организацијата за црноморска економска соработка за нашите транспортери добива 5 илјади Б-Сек дозволи, а во однос на ЦЕМТ дозволите на располагање ќе бидат 1.680 годишни и 2.808 месечни дозволи. Она што сакам да го истакнам, а е новост е дека со украинската страна договоривме 700 дозволи за и од трети земји, почнувајќи од 2024 година, а исто така по низа состаноци и средби на мешовитата македонско-германска комисија договорено е значително зголемување на контингентот на дозволи по сите видови на превоз, што сметам дека е голем успех“, рече Бочварски.

Дополнително, со Република Србија има согласност превозот кој се врши за и од трети земји со еколошки возила, односно возила со категорија „зелено возило“ и повисоките категории, да биде ослободен од режимот на дозволи кога ќе се надминат административните процедури.