За Силјановска Струмица била феудална енклава, а Пендаровски „давеник за сламка“
Претседателската канидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ја нарече Струмица феудална енклава од каде ќе тргнел политичкиот вулкан во остар напад против Зоран Заев.
„Во Струмица се чувствувам особено добро бидејќи знам дека оттука ќе тргне тој политички вулкан што ќе стави крај на последната феудална енклава во Македонија. Таа енклава ја нареков феудот на Заеви што ќе се распадне! Замислете, заколнати самонаречени Европејци дека со рефудализација ќе стигнат во ЕУ“.
Во вечерниот митинг таа се осврна и на претходно снимената дебата на ТВ21 со Стево Пендаровски што се емитуваше синоќа. Таа го нарече Пендаровски „давеник за сламка“, а дуелот бил „чудна дебата“.
„Денеска во една чудна дебата, квази дебата на давеник што се фаќа за сламка, бев прашана како може да не го употребувам името „северна“, сум го кршела Уставот. Му објаснив дека правото на самоопределување е колективно право и дека Македонија истото го искористи уште на АСНОМ. Но и дека секој од нас има право на индивидуално самоопределување и дека никој, никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името Македонија“.
Па ја нападна и групацијата околу ДУИ од „Европскиот фронт“ нарекувајќи ги смешни.
„Уште посмешни се оние од проевроскиот фронт. Маршираат во место и си замислуваат дека се ‘европски’ претседатели, имагинарна функција. Кога ние сме велеле твоја и горда Македонија, тоа било екстремен национализам. Па не знам зошто, ако тоа е национализам, програмата се преведе на албански, турски, српски, влашки, ромски и бошњачки јазик. Кој е тука националистот? Не, ние не сме“.
Во текот на синоќешната дебата Силјановска-Давкова рече дека имала информации оти во ДУИ биле поделени дали партијата да го бојкотира вториот круг или не. Пендаровски ја запраша од каде има информации што се случува внатре во ДУИ, да не ги добила информациите по пат на прислушување, Силјановска му рече „Умрете барем машки“.