За рестриктивни мерки ќе се носи одлука во среда или четврток


Фото: Б. Грданоски

Во однос на рестриктивните мерки се уште нема одлука. Ќе ги следиме бројките денеска и утре, а во среда или четврток ќе се донесе одлука, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Toj рече дека се работи за втор бран од Ковид-19, но дека имаат искуство од првиот бран и здравствениот систем подготвен ги очекува новите пациенти.

Во однос на скринингот министерот соопшти дека во приватен старечки дом во Ченто и во Кадино, во едниот се заразени две штитенички, а во другиот тројца вработени.

Во Скопје, огромен број луѓе од Студеничани и Чаир се во рамките на 10 семејства. И тука се тестира и се разговара со луѓето за нивните контакти со веќе заразените.

Во Липково се 11 новозаразени и таму интензивно се работи на анкети, со помош од епидемиолози од Кравото и Крива Паланка.

Филипче рече дека откриен е нов кластер со еден заболен, а 40 се тестираат и се во излоација во правен субјект од Тетово.

И тој потврди, како претходно инспекторката Бухова, дека во Штип во конфекциските фабрики каде имаше заболени не се работи, туку таму се спроведува тестирањето.

Инаку, од 868 направени тестирања има 67 позитивни пациенти на Ковид 19 и еден починат пациент, а 25 се оздравени,  информираше Филипче.

Распоредот на новозаболените по градови низ Македонија сѐ уште се изработува и ќе биде готов во следните неколку часа.

До изутрината на Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени шест пациенти и сега се хоспитализирани вкупно 40, Таму нема пациент, кој е на механичка вентилација, а на кислородна поддршка се 16 пациенти.

– Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се вкупно 27 позитивни на Ковид-19, од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум пациенти, а во болницата во Штип 14. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно се хоспитализирани 27 пациенти кои се позитивни на вирусот, посочи Филипче.