Три случаи на ковид и зголемен број на заболени од грип
Заболените лица оваа недела се регистрирани во Тетово – 49, Скопје – 38, Куманово – 19, Радовиш – 12, Велес – 8, Гостивар – 7, Прилеп – 5, Струмица – 3, по 2 во Ресен, Неготино, Охрид и Штип и по еден во Гевгелија и Македонски Брод.
Во однос на возраста, од 15 до 64 години се регистрирани 102 лица, 22 лица на возраст над 65 години, 16 деца на возраст до четири години и 14 деца на возраст од 5 до 14 години. Оваа недела за првпат во сезоната е надминат прагот на вонсезонска активност (I=7,32/100.000) и се бележи ниска (сезонска) активност на грипот на национално ниво.
Во текот на 46-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 64 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за Influenza, SARS-CoV-2 и/или RSV. Од вкупно тестираните материјали, детектирани се четири позитивни примероци за грип од кои три се Influenza A – несубтипизирани, а еден е Influenza А(H3). Регистрирани се три позитивни резултати за SARS-CoV-2.
Во сезоната 2026/2027 вкупниот број случаи со грип изнесува 609 (I=33,2/100.000). Споредено со истиот период од минатата сезона (n=571), бројот на пријавени случаи е за 6,7 отсто повеќе, а во однос на моделот од последните 16 сезони (n=466) се регистрира зголемување од 30,8 отсто. Кумулативно, заболените се пријавени од 19 центри за јавно здравје/подрачни единици. Најголем број заболени лица (n=198) и највисока кумулативна инциденца (118,6/100.000) се регистрира на територијата на Тетово. Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15 до 64 години) – 438 случаи (71,9 отсто).
Во текот на 46-та извештајна недела за првпат во сезоната е надминат прагот на вонсезонска активност и се бележи ниска (сезонска) активност на грипот на национално ниво и е достигнат епидемиолошкиот праг на влез во сезоната на грип.
Вакцинацијата против сезонски грип, како што посочуваат од ИЈЗ, е најефикасна заштита од ова заболување, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи односно постарите лица на возраст над 65 години, деца, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници. Вакцинацијата во државава почна на 21 октомври и се спроведува во центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици или во здравствените домови. Вакцинацијата на здравствените работници од Скопје се спроведува во Институтот за јавно здравје. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.
Според податоците од Управата за електронско здравство, заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 25.458 лицa од ризичните категории население со бесплатни вакцини, стои во извештајот на ИЈЗ.