Како гувернерот Славески го проценил ризикот за влегувањето на Алта банка, прашува СДСМ
Народна банка го крие решението за тоа како гувернерот Трајко Славески го проценил ризикот за влез на Алта банка во Македонија.
Медиумите го побарале решението на Извршниот одбор на НБРМ, кој се состои од гувернерот и вицегувернерите. Посочиле дека го бараат без евентуалните класифицирани и чувствителни информации. Ама не го добиле.
Ова го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Според партијата, вистината се крие од јавноста за да се заташка случајот, да се спасат виновниците кои ја донесоа пералницата на пари на Вучиќ во Македонија.
„Гувернерот Славески јавно изјави дека одлуката за Алта банка ја донел во консултација со Мицкоски. Затоа се крие од јавноста. Одговорноста чука на вратата на Славески и Мицкоски. Во Законот за банки точно стои кога треба да се одбие барањето за стекнување акции.
Член 59, став 6, ги издвојува високиот ризик за стабилноста, сигурноста и угледот на банката и основаниот сомнеж во законското потекло на парите, интегритетот или вистинскиот идентитет на лицето и поврзаните лица.
Ова е составен дел и од Кривичната пријава којашто СДСМ ја поднесе , а за која поминаа 10 дена и не се постапува“, рече Кузеска.