За првпат во Бугарија еден службен кабинет ќе ја предаде власта на друг службен


Бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Стефан Јанев

Дури и пред да заврши, 2021 година може да се нарече година на политички преседани во Бугарија, коментира порталот Медијапол, најавувајќи дека за првпат во историјата еден службен кабинет – ќе ја предаде власта на друг службен кабинет.

Според најавите, во четврток претседателот Румен Радев повторно ќе му го даде мандатот на досегашниот технички премиер Стефан Јанев, но составот на владата ќе биде делумно изменет. За неколку месеци, исто така, по трет пат ќе има избори за Националното собрание, кои ќе се одржат заедно со претседателските. Претходно, за прв пат ГЕРБ загуби парламентарно гласање, а „Има такви луѓе“ успеаја да предизвикаат уставен хаос со развлекување а потоа и повлекување од мандатот за формирање влада.

„Сето ова покажува дека политичките партии не ја прочитале правилно пораката на гласачите во Бугарија која беше за дијалог, оценува социологот  Парван Симеонов, кој е извршен директор на Галуп Интернешнл.

 Претседателот Радев одби да каже дали ќе има измени во новиот кабинет, но според информациите на Медиапул во него нема да најдат место некои од сегашните министри предводени од Асен Василев и Кирил Петков, кои подготвуваат свој политички проект.Со или без нив, Радев објави дека нема да има промена во политиката на новата службена влада.

„Идната преодна влада ќе продолжи да работи на обновување на државноста и да се врати довербата во институциите “, додаде претседателот.

Сепак, постои значителна разлика помеѓу сегашниот кабинет и идниот. Сега именуваните министри од страна на Радев ќе владеат додека тој е во предизборна кампања. 

„Главната разлика е токму тоа. Првиот кабинет досега правеше ревизија на работата на претходната влада. Сега, кога поминаа месеци, веќе не се очекува да правите ревизија на работата на претходните, туку да почнете да управувате. И ова е уште еден тест. Згора на тоа, ќе има обвинувања дека Радев  самиот си ги организирал изборите“, вели Симеонов. 

Ова ќе биде трет официјален кабинет што Радев го назначува за време на неговиот мандат.Првиот, предводен од Огнијан Герџиков, беше назначен веднаш по преземањето на функцијата на шефот на државата во јануари 2017. Вториот е сегашниот, предводен од Стефан Јанев, кој беше назначен по неуспехот на 45 -тото Националното собрание да избере редовен кабинет.