За претседателските избори во Избирачкиот список запишани 1.814.317 избирачи, за парламентарните 1.815.350


Фото: Б. Грданоски

За изборите за претседател на државата што ќе се одржат на 24 април запишани се 1.814.317 избирачи, додека за парламентарните избори закажани за 8 мај запишани се вкупно 1.815.350 избирачи во Избирачкиот список, информираа од Државната изборна комисија (ДИК).

Државната изборна комисија денеска на седница го заклучи Избирачкиот список за спроведување на претседателските и парламентарните избори.

Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи. 

Како што посочи во своето излагање потпретседателка на ДИК Дитмире Шеху, за претседателките избори запишани во Избирачкиот список се 1.814.317 избирачи. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.

Како што посочи Шеху, во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство, а не поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии, се запишани 95.116 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2.147 избирачи.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се со статус на внатрешно раселени лица се запишани два избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица членови и заменик членови на избирачките одбори кои ќе спроведат гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 191 избирачи.

За изборите за избор на пратеници во Собранието, кои ќе се одржат на 8 мај оваа година, вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список се 1.815.350.

Од нив, како што појасни потпретседателката на ДИК, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.716.664 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96.010 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани 2.140 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување, а кои поднеле пријава за гласање во установата во која се згрижени се запишани 534 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се со статус на внатрешно раселени лица се запишани два избирачи.

На седницата беше донесено и упатството за начинот на гласање на избирачките места со помалку од 10 избирачи.  

Членот на ДИК Радица Ристеска посочи дека избирачко место не може да се определи за населено место во кое живеат помалку од десет избирачи и во ДКП-та каде има пријавено помалку од десет избирачи за гласање. Согласно Изборниот законик, а со цел на секој граѓанин да му се овозможи да го оствари своето уставно загарантирано право на глас, на граѓаните од овие избирачки места, ќе им се овозможи да гласаат на најблиското избирачко место со запишани над десет избирачи.

– ДИК согласно податоците од заклучениот Избирачки список констатира дека од вкупно 3.480 избирачки места во државата, во 120 избирачки места на подрачјето на 33 општински изборни комисии се евидентирани помалку од десет гласачи. Наведени се и општините во кои по неколку избирачки места имаат запишано помалку избирачи од десет, рече Ристеска.

Таа повика навремено да се известат гласачите од избирачките места со помалку од десет запишани гласачи, за местото каде можат да го остварат своето право на глас и посочи дека се задолжуваат општинските изборни комисии во соработка со подрачните одделенија на Државната изборна комисија да го спроведат ова упатство.