За претседателот на МАНУ, ЕУ не е единствениот пат за Македонија


Според Љупчо Коцарев, „бродот наречен Македонија, полека но сигурно тоне“

 

Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, на годишното собрание на академијата пред неколку дена, во својот говор изјави: „…ја поддржувам политиката дека европскиот пат е приоритетен, но не и единствен пат за Македонија“. Во неговото обраќање тој нагласи дека „ми се чинат неприфатливи изјавите, најмногу на политичарите (од која било ориентација), од типот ‘никогаш’ и ‘нема алтернатива’. Синтагмата ‘ЕУ е единствена алтернатива’ е потполно погрешна – многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата од повеќето алтернативи“, рече Коцарев, но не кажа каде би можеле да се најдат другите алтернативи.

Според него, во Македонија се случувале „дивеењата во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што не го гледаат тоа, всушност, не сакаат да го видат од ним (не)познати интереси“. Коцарев додаде дека Македонија, во последните
неколку години, постепено, а конечно во 2020 година, станала центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, вели тој „во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања од дел од ЕУ-државите“.

Претседателот на МАНУ изјави дека „бродот наречен Македонија, полека но сигурно тоне“. Тој тоа го поврза со условите што ЕУ ги бара од нас за да се зачлениме во блокот. Но и поради тоа што некои напредни демократии веќе не можат да кажуваат што се демократски вредности.

„Можеби неколку децении се мал период, но впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија, полека но сигурно тоне. Ако во процесот на интеграција во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/или реформи кои не ги исполнуваат ниту многу други ЕУ-држави, ако некои напредни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности, кога и самите не ги почитуваат, ако Македонија се соочува, благо кажано, со бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нам?“

Зборувајќи за реформата во образованието што ја турка министерката Мила Царовска, Коцарев рече дека таа „за жал, кажано со умерени зборови, тој однос е игнорантен, арогантен и непрофесионален“. А однесувањето на ресорното министерство го спореди со практиките во сталинистичкото време во Советскиот Сојуз од 1930-тите години кога се барало решение за земјоделската криза.