За ноември 245 работодавачи кои добиле поддршка, уште не им исплатиле плата на 782 вработени
Продолжува практиката дел од фирмите кои добиле финансиска поддршка од државата да не им ги исплатат средствата наменети за плати на вработените.
Последните податоци кои денес на прес конференција ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, покажуваат дека за месец ноември 2020 година, 245 работодавачи кои добиле финансиска помош од државата во износ од околу 200 илјади евра, се уште им ја немаат исплатено платата на 782 вработени. Уште повеќе загрижува податокот дека 125 компании кои добиле пари од државата за исплата на плати уште при првата ваква мерка за април, мај и јуни, не иплатиле плата на нивните вработени за еден, два или за сите три месеци. За овие злоуптреби се водат постапки во Јавното обвинителство.
Лукаревска соопшти дека за ноември 2020 година биле поднесени вкупно 13.851 барање, а на 13.178 работодавачи им биле исплатени вкупно 1.028.448.344 денари (околу 16,7 милиони евра) за 65.950 вработени.
„Со состојба 29.12.2020 година 596 работодавачи кои примија финансиска поддршка во износ од 36,65 милиони денари не ја исплатиле ноемвриската плата на 2.421 вработен, но два дена подоцна, на 31 декември таа бројка се намали на 245 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец ноември 2020 во износ од 12,2 милиони денари и не ја исполниле обврската за исплата на плати на 782 вработени“, рече Лукаревска.
Таа додаде дека за овие 245 работодавачи се изготвени и доставени опомени за неисплата на плата. За оние кои и по доставената опомена нема да извршат исплата на плата и да ги уплатат придонесите во рок од една недела, ќе следи спроведување на присилна исплата на плата со блокада на парични средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи.
Директорката на УЈП рече дека со опомена за неисплатена плата за месец ноември биле опфатени уште 351 работодавач кои платата ја исплатиле по добивање на опомената од УЈП.
Работодавачите кои се уште не исплатиле плата се од дејностите: 43 работодавачи од дејноста трговија на мало кои примиле финансиска помош од 1,29 милиони денари и на 84 вработени не исплатиле плата, потоа 37 фирми кои вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 1,6 милиони денари, а платата не ја исплатиле на 108 вработени, 22 фирми од дејноста транспорт примиле помош од 1,9 милиони денари, а плата не исплатиле на 127 вработени. Тука влегуваат и дејностите градежништво, трговија на големо и мало со моторни возила и моторцикли и производство на прехранбени производи.
По региони, од Скопје се 73 фирми кои не исплатиле плата, а добиле финансиска помош од државата, од Тетово се 21 и од Гостивар 10, информира Лукаревска.
Највисокиот износ на финансиска поддршка е 21.776 денари месечно по работник согласно работното време на кое е пријавен работникот. Износот на финасиска поддршка заради исплата на плати се определува врз основа на процентот на намалување на приходот и тоа најмалата поддршка е 14.500 денари по вработен за намален приход од 30-40 проценти, а за намален над 80 проценти износот на финансиска поддршка е 21.776 денари.
Лукаревска информира и дека вкупно шест даночни обврзници за 19 вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а дел преку исправка во вкупен износ од 266.294 денари, но за седум вработени не извршиле доплата за плата во вкупен износ од 47.785 денари. Во вакви случаи се предвидува глоба од 500 до 1.000 евра за микро правно лице, се до 10.000 илјади евра за големите даночни обвврзници.
Лукаревска додаде дека 179 компании кои што имаат примено финансиска поддршка, а ја немале исплатено платата за октомври 2020 година, по спроведените активности на УЈП овој број е намален на 17 компании кои за 441 вработен примиле поддршка во износ од 641.206 денари.
„Кај овие компании во тек е постапка за присилна наплата за неисплатена плата од парични средства на трансакциска сметка“, вели Лукаревска.
Во однос на компаниите кои не ја исплатиле платата за месеците април, мај и јуни 2020 година, Лукареска информира дека е спроведена присилна наплата заради неисплатена плата, со што се намалил бројот на работодавачи кои должат плата за овие месеци. Така, со состојба на 31 декември 2020 година платата за април се уште не ја исплатиле 50 компании за 108 вработени, за мај 38 компании за 66 вработени, а за јуни 64 компании за 160 вработени.
„Вкупниот број компании кои се уште не исплатиле плата за еден, за два или за сите три месеци (април, мај и јуни) е 125 компании, а за нивните работодавачи се доставени детални податоци во Јавното обвинителство за покренување кривична постапка“, истакна Лукаревска.
Таа додаде во декември, УЈП заедно со Државниот инспекторат за труд спроведе контроли кај над 30 даночни обврзници кои користеле финансиска поддршка од 1,8 милиони денари, а не ја исплатиле платата.
Ќе следат контроли и кај оние кои исплатиле пониска плата, најави Лукаревска.
Листата на компании кои примиле финансиска поддршка, а не исплатиле плати за месец ноември, во понеделник ќе биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата, за јавна и транспарентна објава на неплаќачите, рече дирекорката на УЈП, Сања Лукаревска. (М.Ј.)