За неколку дена се гаси „Скајп“

„Мајкрософт“, сопственикот на „Скајп“ (Skype), објави дека за три дена официјално ќе ја затвори оваа комуникациска платформа по повеќе од две децении постоење. Како што наведоа, целта е да ја поедностават својата понуда за корисниците и да се фокусираат на нивната моќна бизнис платформа „Тимс“ (Teams), каде што милиони преостанати корисници на „Скајп“ ќе бидат пренасочени во наредните денови, објавува The Independent.
Во соопштението со кое се најавува крајот на „Скајп“, „Мајкрософт“, кој ја купи платформата во 2011 година за 8,5 милијарди долари, изјави дека „Скајп“ е неопходен дел од обликувањето на модерната комуникација и поддршката на корисниците во безброј важни моменти. Но, велат тие, тие всушност признале дека го исклучуваат од апаратот за одржување во живот, на кој, реално, бил вклучен една деценија.
„Скајп“ не можеше да држи чекор со конкурентите како „Зум“ (Zoom) или „Слек“ (Slack), кои ја искористија глобалната промена кон работа од дома. Друго можно објаснување е дека „Скајп“ едноставно не бил адаптиран за ерата на паметните телефони. Исто така, постои теорија според која „Мајкрософт“ намерно го турнал „Скајп“ во технолошка заостанатост со цел да ја зајакне позицијата на „Тимс“ и во тој процес полека да ја уништи платформата што започна сè.
„Скајп“ стана глагол сам по себе
Кога данскиот програмер Јанус Фрис и шведскиот програмер Никлас Зенстром го основаа „Скајп“ во 2003 година, платформата постигна огромен успех. До крајот на 2005 година, имаше 75 милиони активни корисници. Во својата прва голема продажба, „Ибеј“ (eBay) го купи „Скајп“ во 2006 година за 2,6 милијарди долари, но веќе во 2009 година продаде мнозински удел на конзорциум од приватни инвеститори и фондови за ризичен капитал.
Потоа на сцената се појавија технолошките гиганти. Во 2011 година, „Мајкрософт“ ги надмина „Гугл“ и „Фејсбук“ и ја презеде сопственоста врз „Скајп“ во време кога платформата беше на својот врв, со околу 150 милиони месечни корисници и дури 663 милиони регистрирани корисници ширум светот. „Скајп“ беше толку раширен што стана глагол сам по себе и синоним за видео повици.
Ако сте го користеле „Скајп“ во неговите рани денови, веројатно ќе ве обземе носталгија кога ќе се сетите на оригиналниот рингтон или на шушкавите известувања што му го даваа неговиот препознатлив шарм, потсетува „The Independent“.
Падот започнува кон крајот на 2010-тите
Британскиот композитор Питер Рејбурн, кој го дизајнираше првиот звучен идентитет на „Скајп“ со основачите во 2003 година, вели дека не можел ни да замисли колку голем успех ќе постигне платформата. „Искрено, немав поим колку би било револуционерно“, рече Рејбурн.
Идентитетот на „Скајп“, познат по својот разигран тон и едноставност, почна да бледнее кон крајот на 2010-тите, бидејќи голем број сериозни платформи за социјално вмрежување и видео повици почнаа брзо да растат. Меѓу нив беа „Зум“, лансиран во 2012 година, „Слек“ од 2013 година, па дури и сопствениот производ на „Мајкрософт“, „Тимс“, кој се појави во 2017 година.
До 2020 година, бројот на просечни дневни корисници на „Скајп“ падна на приближно 23 милиони, и покрај краткото повторно зголемување за време на пандемијата. Една од клучните причини беше тоа што технологијата на „Скајп“ не беше доволно прилагодена на паметните телефони, особено во споредба со „Фејстајм“ (FaceTime“ на „Епл“ (Apple), кој е интегриран во iOS уредите од 2010 година.
„Мајкрософт сфати дека Скајп не е решението“
Со почетокот на пандемијата, корисниците бараа посеопфатни решенија за комуникација, алатки што овозможуваат не само видео повици, туку и квалитетна кореспонденција, соработка во реално време и управување со задачи, сè во рамките на една платформа. „Скајп“ едноставно не можеше да го понуди тоа.
Јароцки верува дека „Мајкрософт“ одамна одлучил дека повеќе нема да го развива „Скајп“. „Мајкрософт сфати дека Скајп не е решението“, рече тој. „Особено не за големите деловни корисници, па затоа се фокусираа повеќе на развој на Тимс, кој можеше да се вклопи во нивниот 365 пакет и поефикасно да се натпреварува со Гугл воркспејс (Workspace), кој во тоа време нудеше Google Meet“, објасни тој.
„Подобро е да се збогуваш отколку да останеш во верзија која повеќе не е прекрасна“
Иако многумина не го отвориле „Скајп“ повеќе од една деценија, сè уште има милиони лојални корисници кои зависат од неговата евтина услуга за меѓународни повици. „Мајкрософт“ не го објави точниот број на корисници кои се сè уште активни, но илјадници нивни загрижени пораки може да се најдат на онлајн форумите.
Тие се прашуваат што ќе се случи со нивната историја на повици, нивниот уникатен „Скајп“ број или како ќе го научат својот дедо, кој живее илјадници милји подалеку, да користи „Тимс“ по дваесет години комуникација преку „Скајп“. Во меѓувреме, „Мајкрософт“ објави дека податоците од историјата на повици ќе бидат префрлени во „Тимс“ како дел од дигиталната миграција.
Питер Рејбурн, креаторот на оригиналниот звучен идентитет на „Скајп“, вели дека му е жал што платформата е затворена, но признава дека не е она што беше порано. „Тој основен лик што го создадовме изгуби многу од својот ритам“, рече Рејбурн. „Подобро е да се збогуваме отколку да останеме во верзија која повеќе не е чудотворна“, заклучи тој. (Извор: Индекс.хр)