За Митева заканата на Филипче е „незрела“
Портпаролката на Владата, Марија Митева, ја нарече незрела најавата на СДСМ дека ќе се повлечат од работната група за Изборниот законик ако се укине техничката влада. Според неа, со ваквите најави лидерот на опозициската партија, Венко Филипче нема да успее да ја скрие реалноста со која се соочува неговата партија и додаде дека сега се против нејзино укинување, иако во минатото биле согласни дека тоа треба да се направи.
– Ваквиот обид на Филипче и на СДСМ нема да ја сокрие реалноста дека тие се соочуваат со нивниот политички крај, а владејачката партија која што ја предводи Владата, ВМРО-ДПМНЕ, е таа која што ја гради иднината на државата. Навистина не можам да разберам како од една страна имаме изјави во кои што се вели дека имаат пораст на гласовите, тоа го кажува токму Венко вчера, а Венко денеска вели дека е против укинување на техничката влада, за која што во минатото беа согласни дека истата треба да се укине, рече Митева.