Мицкоски гледа скриени намери со средствата од данокот за солидарност


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари работна средба со Стопанската комора на северозападна Македонија каде што, меѓу другото, се разговараше и за најновиот даночен закон кој што денес веќе влезе во собраниска процедура, наречен Закон за солидарност.

Запрашан од медиумите што мисли со тоа што се наговестува дека власта има скриени намери со носењето на овој закон, Мицкоски истакна дека јавноста мора да знае и да има увид како ќе се трошат парите кои ќе се соберат преку овој закон, додавајќи дека истите се затскриени во ставка Ковид помош, а ковидот одамна го нема.

„Ако го видите предлогот ќе видите дека средставата кои што евентуално би биле собрани од овој закон ќе бидат ставени на ставка во буџетот акде што немаме транспарентно увид во тоа како ќе бидат тие трошени, односно ќе бидат затскриени како Ковид помош, иако ковидот одамна помина. Ние денеска се обидовме да отвориме една јавна дебата за ова да може јавноста да го слушне, еве сега ние преку оваа прес конференција имаме можност тоа да го кажеме, но ние сакавме на јавна дебата каде што ќе може и бизнисот и јавноста да дадат свое мислење поврзано со ова“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека власта очигледно не сака јавноста да има увид во трошењето и содржината на законот и затоа тој е ставен во скратена собраниска процедура со европско знаменце.

„Ние во рамките на процедурата понатаму, знаете таа е со злоупотреба на европското знаменце, ограничена е во три дена, ќе предложиме и амандман со кој што ќе побараме средствата да бидат јавно, во посебна ставка ставени и тие кои што ќе се соберат да може јавноста да има увид каде овие пари ќе се трошат“, посочи Мицкоски.