За Мицкоски царините од САД се резултат на „некаква грешка“

Добрите вести од САД кои вчера самиот ги најави, се уште не стигнале, рече премиерот, но интензивно се разговара за податоците во меѓусебната трговска размена, односно за дефицитот, а кои се дијаметрално различни


(Фото: Б. Грданоски)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече одлуката на САД за воведување висока царинска стапка од 33 отсто за увоз на македонски производи и услуги е резултат на „некаква грешка“, посочувајќи дека се водат разговори за излегување од ваквата состојба. Одговарајќи на прашања на новинарите на прес конференција во Владата, посветена за зголемување на капитацијата за матичните лекари, Мицкоски рече дека секундарните ефекти од американските царини би биле многу поголеми од директните.

„Ние работиме со нашите партнери САД и очекувам многу скоро да се коригира ова кое што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешни информации“, изјави Мицкоски зашрашан дали Владата направила анализа како царините ќе се одразат врз македонската економија.

Тој додаде дека во нашата трговска размена со САД во 2024 година, Македонија е во негатива, односно има остварено дефицит, а државите кои што имале дефицит практично немаат ваков вид на зголемување на давачките.

„Сега се споредуваат податоците. Во контакт сме и со Амбасадата и со Министерството за економија и со Кабинетот на претседателот Трамп, а тоа беше дел од разговорите што ги имаа во Брисел на кратко министерот Муцунски и државниот секретар Рубио. Така што, во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба“, истакна премиерот Мицкоски.

На новинарска забелешка дека ваквото објаснување за формулата за царините и за дефицитот наликува на она на српскиот претседател Александар Вучиќ, и запрашан кои индустрии ќе бидат најпогодени, односно дали се тоа тутунот, текстилот и тн, имајќи предвид дека дополнителните царини стапуваат во сила на 9 овој месец (среда), Мицкоски одговори дека не ги следи изјавите на претседателот на Србија.

„Но, она што може да го кажам е она што е поврзано со наш интерес, македонски интерес и во таа насока да ги водам политиките. И граѓаните очекуваат во таа насока да ги водиме политиките, да ги штитиме нашите македонски интереси“, рече Мицкоски.

Во однос на индустриските гранки кои можат да претрпат најголем удар, тој предупреди дека секундарните ефекти може да бидат поголеми, односно доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат спорот со САД.

„Тогаш ефектите би биле многу поголеми отколку сега примарните ефекти кои што ние ги имаме директно на билатерално ниво со САД“, рече Мицкоски.

Вчера Мицкоски самиот изјави дека многу брзо очекува „добри вести“ од САД, но денеска на новинарско прашање дали таквите добри вести стигнале од САД за економијата во однос на царините, тој кусо одговори: „Не, сеуште“.

На дополнително прашање што точно во моментот се преговара со САД и кога очекува повратен одговор, Мицкоски рече дека процесот е сензитивен.

„Затоа не би откривал ништо во јавноста додека не се заврши договорот. Затоа што пристапот е таков, додека сѐ не се заврши, немаме ништо. Кога сѐ ќе се заврши, тогаш ќе излеземе во јавноста со детални информации“, рече премиерот Мицкоски.

Тој минатиот четврток во интервју за ТВ Алфа рече дека царините од 33 отсто што ни ги воведоа САД биле очекувани.

„Тоа беше јасно веднаш после инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп и тој тоа го кажа. Ни една земја во Европа не беше подготвена за тоа и никој не се подготвува претходно“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека предложил да се потпише договор за слободна трговија со САД и дека и во нашиот царински тарифник за некои групи на производи има царини повисоки од 60 проценти.

Тој додаде дека според нашиот Државен завод за статистика, лани во САД имаме извезено стока во вредност од околу 110 милиони евра, а увезено 180 милиони евра и сме во дефицит. Оваа година во јануари имаме суфицит и имаме извезено околу 21 милион евра, а имаме увезено 12 милиони евра. Најмногу извезуваме автобуси кои ги произведува странски инвеститор во Скопје. Тие како потекло се од тука, а земјата која ги продава е Белгија, бидејќи таму е седиштето на компанијата, појасни Мицкоски. (М.Ј.)