За „Купи куќа, купи стан“ субвенција до 20.837 евра

Со олеснети услови за кредитирање преку субвенционирање, за проектот „Купи куќа, купи стан“ има голем интерес во последниве три месеци, информираат од Министерството за финансии. Причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.

Најголема субвенција од 20.837 евра се добива кај кредит од 50.000 евра, кога државата учествува во субвенционирањето на ратите, за млади до 35 години, кога се купува или гради куќа.
Согласно новите услови, каматната стапка за моделот „субвенција на рата“ за првите три години ќе изнесува 2,9 проценти, а за третата и четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество“. Таа сега ќе изнесува 4 проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за 6-месечен еурибор.
За младите до и со наполнети 35 години воведен е нов модел „Купи стан за млади“. Притоа, корисниците кои ќе го одберат моделот „субвенција на ратата“, од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата. Така на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра.
Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра.
Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.
Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години“. Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција.
За лицата над 35 години за изградба или купување нова куќа, ќе се субвенционира 80 отсто од месечната рата во период од пет години, или 80 проценти од учеството за куќата.

Станот треба да биде со цена до 900 евра за квадратен метар а куќата помала од 150 квадратни метри. Месечните приходи на двајцата брачни партнери не треба да надминуваат 1.300 евра, а за самци – 900 евра.

Министерството изготви прирачник со објаснувања за сите можности на проектот.