Цените на нафтата паднаа за околу шест отсто поради надежта за постигнување договор меѓу САД и Иран
Цените на нафтата на светските пазари денеска се пониски за речиси шест отсто, па меѓународниот референтен Брент (Brent) се движеше околу 98 долари по барел, а американската сурова нафта ВТИ (WTI) на ниво од 91 долар по барел.
До падот дојде откако се зголеми оптимизмот дека САД и Иран наскоро би можеле да постигнат договор за ставање крај на конфликтот и повторно отворање на Ормуската теснина, пренесува Трејдинг економикс (Trading Economics).
Сепак, официјални лица од двете страни предупредуваат дека клучните прашања сè уште не се решени.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот со Иран „или ќе биде значаен или нема да го биде“, додека иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека е постигнат напредок во преговорите, но дека конечниот договор сè уште не е блиску.
Пазарите дополнително беа охрабрени од податоците кои укажуваат на постепена нормализација на поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, еден од најважните светски енергетски коридори. Според податоците за следење на бродовите, неколку танкери за транспорт на течен природен гас во последните денови поминале низ протокот без поголеми пречки, што придонесе за намалување на стравувањата кај инвеститорите од можен прекин во снабдувањето со енергенси.