За и околу јавниот долг

Доколку Буџетот продолжи да се користи како инструмент на клиентелизам и популизам и како касица-прасица, тогаш е јасно дека цената за стабилизација на долгот станува повисока преку зголемување на даноците


Со години фискалната политика во Македонија се употребува за редистрибуција на јавните финансии, за генерирање и одржување на клиенти и за интер-генерациска редистрибуција како главен инструмент за водење на популистички политики преку генерирање на јавен долг т.е. за наоѓање на лесни појавни решенија наместо на одржливи решенија за проблемите. Вообичаено македонскиот гласач/клиент делува како да не разбира дека ресурсите се ограничени и продолжува да ги преценува дарежливо добиените бенефити од буџетите денес споредено со идните трошоци за повисоки даноци и каматни стапки од долгот иако не може да си го дозволи таквото однесување верувајќи во партиските приказни полни со фискални илузии.

Политичка економија на јавниот долг во Македонија

Политичарите треба да се анализираат како агенти со сопствен интерес кои креираат општествени дисторзии злоупотребувајќи ја функцијата додека се на позиција (extract rent). Во суштина политичарите си имаат своја функција на корисност при што проценуваат, во услови на неказнивост, колку е исплатливо да уживаат во благодетите кои ги дава функцијата споредено со опортунитетниот трошок од времето поминато во опозиција. Од тој аспект политичарот има мотивација да остане на власт подолго време и затоа е спремен да понуди на гласачите се и сешто само за уште еден ден на власт. Но во повеќето случаеви ова бара неограничени ресурси кои социо-економијата на државата не може да ги обезбеди засекогаш и затоа политичарот е спремен да посегне кон туѓи заштеди т.е. кон зголемување на јавниот долг за да може да го одржи гладот на клиентите.

Затоа во Македонија никој не мисли на ефикасноста на расходната страна на буџетот едноставно бидејќи за тоа не постои политичка мотивација но затоа расходната страна мора да расте секоја година за да може да се задоволи гладот на старите и на новите клиенти во фрагментираното општество во кое нема јавно и нема граѓанин туку има Албанец и Македонец, има бизниси и граѓани, угостители, странски инвеститори, сиромашни граѓани, разни категории за субвенционирање, пријатели, партиски другари, кумашини, роднини итн. Во вакви услови се стеснува просторот за јавна услуга и воопшто за јавно (public) во носењето на политики каде би се таргетирале сите граѓани. Едноставно за тоа нема доволно ресурси и нема доволно политики бидејќи политичарите како носители на политики мора да мислат на задоволување на нивните клиенти.

Можни фрикции од ваков јавен избор

Бидејќи вакво практикување на власт станало јавен избор во последните барем 20 години се прашуваме кои би биле можните резултати од тој избор бидејќи јавниот долг е неодржлив, ресурсите се ограничени, а со буџетот 2022 јасно се демонстрира дека оваа пракса ќе продолжи и понатаму. Нееднаквоста и фрагментираноста на општеството е релативно голема што може да генерира класни фрикции. Општеството е соочено со економски трошоци и ризици во иднина од праксата на евтина работна сила и од потребите за отплата на долговите во иднина. Ова може да доведе до ткн. војна на истребување (war of attrition) помеѓу работниците и претставниците на капиталот. Во периодот на 2000-2017 година уделот на плати во БДП опаднал за 1/3 споредено со уделот на профитите во БДП кои за истиот период пораснал за скоро 50% како што е прикажано на наредниот график.

Доколку продолжи и понатаму да се користи буџетот како инструмент на клиентелизам и популизам и како касица-прасица од страна на политичарите, доколку знаме дека цената на задолжувањето измерена во отплата на камати во последните години е зголемена скоро за 4 пати споредено со 2009 година, тогаш е јасно дека политичката цена станува повисока за политичарите за стабилизација на долгот преку зголемување на даноците. Од друга страна политичката поларизација ќе доведе и до нееднаква дистрибуција на трошоците од евентуалната стабилизација преку зголемување на даноците. Овие ризици се реални и видовме до што доведуваат со неодамнешното воведување па напуштање на прогресивното оданочување и несмасната дефиниција на политичарите за тоа кој е богат во Македонија.

Владите мора да разберат дека емпириски факт е дека општествената добивка е повисока ако се помогне на сиромашните, а не на бизнисите. При тоа ММФ пресметал дека со помош на 20% од најсиромашниот слој од населението во просек може да се очекува повисок економски раст, а со помош на 20% од најбогатите може да се очекува намален економски раст (trickle-down економијата не функционира). Политичарите не може да ја игнорираат бесконечно ниту општествената нерамнотежа со непропорционалните профити по оданочување на банкарскиот сектор. Исто така за случајот на Македонија е важно и тоа што странските инвестиции имаат асиметричен ефект на буџетите. Не придонесуваат толку во приходната страна колку што дренираат од расходната страна на буџетот што пак води и до дополнителни економски и опортунитетни трошоци за нашите даночни обврзници.

Порака со пресметка до политичарите

Во Македонија покрај тоа што не се исполни очекувањето за повисоки стапки на раст, за секундарни инвестиции и за зголемено вработување од т.н. привлекување на СДИ преку евтина работна сила, преку жртвувањето на приходната страна на буџетот за сметка на странскиот капитал, а со тоа и зголемувањето на долгот, ваквите политики не доведоа ниту до повисоки стапки на раст. Ако претпоставиме на пример дека временското задоцнување да задолжувањето се трансформира во економски раст е отприлика 2 години во тој случај за Македонија долгот не само што не резултирал со повисоки стапки на економски раст туку тој е и негативно корелиран со економскиот раст на случајот за Македонија.
Она што можеме на политичарите да им презентираме како пресметки од ЦЕА е споредба на трошокот од продолжување на посточекото водење на политики споредено со подобрување на состојбата во цел сет на параметри: подобрена политичка клима преку подобрување на доброто управување, подобрување во владеење на правото, подобра контрола на корупцијата, подобрување на работата на регулаторните тела итн. Во таа насока презентираме на наредниот график разни сценарија со пресметки на ЦЕА на каматната стапка за јавниот долг доколку политиката продолжи да работи како досега, доколку се подобри ситуацијата еднократно и доколку трајно се направат промени кон подобро. Јасно се гледа дека ефектот на каматните стапки за Македонија е поповолен со попрудентно работење на политичарите.

Македонија се уште се води како хибриден режим, високата корупција е неказнива, населението не се иселува туку се евакуира надвор од оваа политичка катастрофа, а ситуацијата е неодржлива па цената за стабилизација е висока и бара свесност на јавна благосостојба.

Стабилизацијата бара време и при вакви високи стапки на јавен долг од БДП динамиката за стабилизација бара конзистентност и одлучно делување. ЦЕА пресметките од 2019 година покажаа дека при континуирани годишни стапки на раст на БДП од 4% јавниот долг би достигнал прудентно ниво од 40% од БДП дури во 2030 година. Долгот би можел да се намалува при миниум стапки од 3% годишен раст на БДП. Ова е и отприлика долгорочната стапка на економски раст за оваа држава. Значи потребен е екстра напор за подобрување на амбиентот за да може да се зборува за стабилизација и намалување на јавниот долг.

Принципи за решавање на нелегитимниот долг (odious debt)

Едно здраво општество и политичари кои ја разбираат својата улога во демократија би биле отворени да разговараат и за решавање на нелегитимното задолжување на политичарите (odious debt).

Имено, експанзијата на задолжување во Македонија во период на Скопје 2014 проектот, трансферите во земјоделски субвенции за кои владини претставници признаваат дека се всушност социјални трансфери, засилените предизборни буџетски трошења, откупот на долгот и неплатените обврски на ЕЛС и јавните претпријатија, креативното сметководство за намалена транспарентност на долгот со формирање на Јавно претпријатие за државни патишта наместо Агенција за патишта, се индикации дека дел од долгот на државата e нелегитимен (odious debt).

Аргумент повеќе за граѓаните да се изборат за етикетирање на нелегитимност на дел од јавниот долг е и фактот што заради намалена фискална транспарентност во 2014 година Светска Банка се воздржала од гласање за втор развоен кредит за Македонија поради „несоодветна буџетска транспарентност и јавен финансиски менаџмент“.

Оттука кредиторите на Македонија се соочени со моралниот аспект за отплата на нелегитимен долг за кој се знаело дека не се генерира за општо добро на граѓаните на Македонија (легендарната изјава на министер за финансии дека се лудаци и дека набавуваат чоколади, а немаат ни за леб). Иако на глобално ниво недостасуваат механизам за тоа кој ќе арбитрира и ќе ги решава проблемите со нелегитимните задолжувања сепак, тинк тенк заедницата подолго време ги анализира можните начини за резолуција на ваквите долгови.

Еден можен начин e да се направи дефинирање и независна оценка на одржливоста на јавниот долг и валидноста на кредитите при што оценката на отплатата на јавниот долг во прв ред би ја ставило економската ситуација на населението, а потоа и можното нарушување на човекови права при генерирање на нелегитимно задолжување. Потоа би требало да се оцени уделот на нелегитимниот долг (odious debt) и да се влезе во преговори со кредиторите. Преговорите и резултатите мора да бидат достапни на јавноста и со нејзино вклучување. Мора да се донесе правен механизам за задолжителна имплементација на резултатите.

Воведување на ваков инструмент во Македонија е потреба и поради фактот што естаблишментот не нуди никакви системски решенија на напластените проблеми, фискалниот простор е стеснет, јавниот долг е неодржлив, глобалниот амбиент е неповолен и сето ова ќе ја доведе државата или до неможност за сервисирање на долгот или до понатамошно задолжување. Она што е уште поважно е што во периодот на задолжувањето нееднаквоста е порасната и сиромаштијата е висока при што неправедно сервисирањето на задолжувањето се синдикализира на сите граѓани на неправеден и нефер начин.

(Марјан Николов е претседател на Центарот за економски анализи)