За Гаши не е табу да се расправа за гласање со Бадентер во Уставниот суд
Отворањето на Уставот е сензитивна работа и пред сè зависи од договор помеѓу политичките партии, вели претседателот на Собранието Африм Гаши. Прашањето на собранискиот спикер денеска му беше поставено во контекст на иницијативата на Уставниот суд за воведување на институтот уставна тужба, на која неделава стана збор на тркалезна маса во просториите на Судот.Без да коментира повеќе, Гаши вели дека им остава на политичките партии да донесат одлука кога е потребно тоа да се направи и околу кои прашања.
„Отворањето на Уставот е сензитивна работа и пред се работа на договор помеѓу политичките партии и тоа знаете дека во Собранието е потребно две третини од пратениците да се договорат за отворање на Уставот. Јас не би коментирал, и би оставил за тоа политичките партии да донесат одлука кога е потребно тоа да се направи и околу кои прашања“,изјави собранискиот спикер.
Гаши денеска беше прашан и за став околу воведување на гласање со т.н. Бадентерово мнозинство во Уставниот суд. Според претседателот на Собранието ова прашање не треба да биде табу-тема и за него треба да се разговара од два аспекти – едниот политички, а другиот професионален.
„Пред сè треба да го имаме на ум фактот дека Уставниот суд треба да ја одигра својата улога каква што му е пропишана во Уставот, а тоа е да го брани Уставот и уставноста на донесувањето на законите во државата. И затоа не треба да имаме предрасуди кон темите кои водат кон квалитетно одлучување, туку пред сè треба да имаме на ум каков Уставен суд ќе имаме и тој да биде во најдобра можна ситуација да решава во однос на бранење на Уставот и уставноста на носење на закони во државата“,изјави Гаши.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски прашан за Бадентер во Судот во вторникот рече дека тој досега веќе го кажал својот став, наведувајќи оти смета дека подобро да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам.
„Таков механизам е соодветен за политички органи како што е Собранието и е здрав механизам. Меѓутоа во институција како што е Уставниот суд, кој е чисто правна институција воведување на механизам, можеби сум бил брутален, ама сум кажал дека подобро е да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам. Зошто? Затоа што во тој случај нема да одлучуваат уставно-правните аргументи, ќе одлучуваат друг тип на аргументи“, рече Костадиновски.