За да има помирување, Софија треба да се извини за Холокаустот, порача Пендаровски

Порака до официјална Софија дека треба да се извини за улогата на тогашната профашистичка бугарска влада за испраќањето во логорот на смртта на 7.144 македонски Евреи


На денот на одбележување на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, претседателот Стево Пендаровски упати порака до официјална Софија дека треба да се извини за улогата на тогашната профашистичка бугарска влада за испраќањето во логорот на смртта на речиси целата еврејска популација во окупирана Македонија.

„За да има помирување треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето пред спомен обележјето во поранешниот Скопски монопол од каде што на 11 март 1943 година почна последното патување на 7.144 македонски Евреи. Тоа патување, како што беше посочено, трае и денес во меморијата на нивните семејства, пријатели и соседи.

„Од скопскиот монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставуваа 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација и третина од вкупните македонски жртви во Втората Светска војна“, рече Пендаровски.
Тој псоочи дека никаде во Европа морбидниот концепт наречен конечно решение на еврејското прашање не бил поефикасно спроведен отколку во тогашна окупирана Македонија.

„Соочени со овие факти обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: Дали ние денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците. Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“, нагласи Пендаровски.

Тој додаде дека и во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда упатува на она што одговара на вистината, правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите.
„За да има помирување треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.
Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека и во услови на тешки времиња и во окупација имало бројни примери на храбри поединци кои ризикувајќи ги сопствените животи одлучиле да спасат Евреи и таквите личности се признати како правединици меѓу народите… Исто така, голем број прежиевеани Евреи се приклучија во НОБ и антифашистичката борба.

Еден од нив, посочи Пендаровски, е и штипјанецот Исак Сион, кој беше учесник и на државотворното Собрание на АСНОМ, на денот на ослободувањето на Штип тој бил единствениот кој не се радувал затоа што во разурнатото еврејско маало синагогата била унишетна, а сите куќи на неговите блиски и познати биле празни и без луѓе. Низ слични трауми минаа речиси сите преживеани Евреи, некои од нив заминаа во Израел и станаа мост за повраување меѓу нашите пријателски држави. Оние кои останаа ја обновија Еврејската заедница и активно се вклучија во изградбата на македонската држава, додаде тој.

„Ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаустот се намалува, антисемитизмот за жал се зголемува.

Нашите институции се должни да ги спроведат обврските што како држава ги презедовме на Меѓународниот форум за Холокаустот во Малме, а тоа преку наставната програма и задолжителната посета на Меморијалниот центар на Холокаустот да ги едуцираме учениците за вистината на овој геноцид и да ги заштитиме од опасниот вирус на антисемитизмот“ рече Пендаровски.

Тој го заврши обраќањето со зборовите на добитникот на Нобеловата награда за мир Ели Визел, наречен совеста на светот, кој во една прилика рече дека ако нешто може да го спаси човештвото, само меморијата може.

„За мене надеж без меморија е налик на меморија без надеж. Затоа наша морална обврска е да се сеќаваме и да не заборавиме за да не дозволиме никогапш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството“ рече Пендаровски.

Пред присутните се обратија и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство Израел- Северна Македонија, Хамад Амар, како и на Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот Еврејски Конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава.

Со поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако, денеска почна одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, што под покровителство на Владата, го организира Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот под мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе”. (М.Ј.)